1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независноста на Косово е неповратна

24 јули 2010

Што по мислењето на Меѓународниот суд на правдата во врска со независноста на Косово? ДВ разговараше со експерти и со политичари во Брисел за следните чекори кои ги очекуваат Белград и Приштина

https://p.dw.com/p/OSQ6
Фотографија: AP

Франц Лотар Алтман, експерт за југоисточна Европа и долгогодишен раководител на групата за Западен Балкан во Фондацијата за наука и политика во Берлин оценува дека наскоро ќе следат серија нови признавања на независноста на Косово.

„Тоа е општото очекување. Дека сега, некои земји ќе го сторат тој чекор за кој претходно велеа дека ќе ја причекаат одлуката на Хаг“.

Што се однесува до се почесто споменуваната опција за размена на териториите околу Прешевска долина за северно Косово, Алтман е скептичен. Тој очекува најпрво да настапи еден период на „замрзнати односи“ меѓу Белград и Приштина, и дека Србија најпрво ќе се обиде да изврши притисок во Генералното собрание на ОН.

Специјалниот известувач на Европскиот парламент за Косово, Улрике Луначек вели дека одлуката на судот јасно покажала дека немало кршење на меѓународното право со независноста на Приштина. Според Луначек, судот јасно ставил до знаење дека нема враќање на независноста, дека нема поделба и дека нема замена на територии.

„Се надевам дека Србија ќе сфати дека независноста на Косово е неповратна и дека нема да има преговори за статусот. Тие бараа мислење од судот и го добија, иако мислам дека на Србија не и се допадна. Патот за Србија е сега пат кон ЕУ, каде еден ден ќе се најдат со Косово, а тогаш границите нема да бидат толку важни“, изјави Луначек за Дојче Веле.

Jelko Kacin
Јелко Кацин, словенечки европратеникФотографија: Europäisches Parlament

ЕУ останува поделена во однос на Косово

Известувачот на Европарламентот за Србија, Јелко Кацин вели дека во случајот не станува збор за тоа кој победил, туку за дефинирање на предизвиците кои сега стојат пред Србија и Косово.

„ Институциите на ЕУ понудија заедно со Србија да ги подготват документите со кои треба да се оди на расправа во Генералното собрание. Тоа би овозможило порационален пристап, без емоции. Мислам дека е тоа понуда која не е паметно да се отфрли“.

Кацин верува дека одлуката на Судот во Хаг може да отвори ново поглавје во односите меѓу Белград и Приштина и дека ЕУ е подготвена да помогне во тој дијалог.

Наспроти очекувањата на експертите и на дел од функционерите во Брисел, мислењето на судот засега не донесе позначаен пресврт во ставовите на повеќе земји членки на Унијата околу признавањето на Косово. Шпанскотo министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Мадрид нема да го промени својот став и нема намера да го признае легитимитетот на Приштина. Со сличен став излегоа и властите во Словачка. Вкупно 5 земји-членки на ЕУ досега не го признаа Косово.

Aвтор: БГ/СН/дв

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема