1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нееднаквоста е лоша за економијата?

Андреас Бекер
21 април 2018

Јазот меѓу богатите и сиромашните се зголемува во многу земји. Економистите веќе некое време засилено ги истражуваат последиците. Дури и ММФ, чие пролетно собрание се одржува во Вашингтон, е сега засегнат од тоа.

https://p.dw.com/p/2wBOF
Flaschensammler Armut Reichtum
Фотографија: picture-alliance/W. Steinberg

Економистите не важат за особено сочувствителни суштества. Нивниот поглед е фиксиран на бројки, а не на човечки судбини. Затоа, повеќето од нив немаат проблем со нееднаквоста кај приходите и богатството. Напротив, луѓето работат понапорно кога сакаат да ја подобрат својата ситуација. Прераспределбата, од друга страна, чини пари и ја намалува мотивацијата, гласи аргументот.

Но, од пред неколку години, се навестува промена на ставот. Иронично, токму Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кого често го обвинуваат за зголемување на нееднаквоста, сега предупредува од негативните последици. Сличен е погледот и на клубот на индустриски развиените земји - ОЕЦД. Згора на тоа, тие не аргументираат политички, туку економски.

Кочници на растот

„Кога расте нееднаквоста во примањата, опаѓа економскиот раст“, се вели во студијата на ОЕЦД. ММФ доаѓа до сличен заклучок. „Доколку се зголеми учеството на првите 20 проценти (богатите) во приходите, економскиот раст ќе се намали на среден рок“, вели студијата на ММФ.

Повеќе на темата:

-Богатите побогати, сиромашните посиромашни

-Нееднаквоста раѓа глад во светот

-Осуммина се богати колку половина човештво

Истражувачите на ОЕЦД истакнуваат дека загубите во економскиот раст во последните 25 години. изнесувале неверојатни 8,5 отсто од брутодомашниот производ. Берлинскиот истражувачки институт ДИВ пак, стигна до бројка од 40 милијарди евра годишни загуби во Германија.

Застапниците на прераспределбата црпат надеж од овие анализи. Конечно, изгледа дека има докази оти борбата против нееднаквоста не е само етички или политички неопходна, туку и економски разумна.

Премногу убаво, за да биде вистинито

„Премногу убаво, за да биде вистинито“, вели Холгер Штихнот, раководител на истражувачката група Меѓународна анализа на дистрибуција во Центарот за европски економски истражувања (ЗЕВ) во Манхајм.  Бидејќи на критиката од професионалните кругови не се чекаше долго - на методологијата на студиите, на податоците и на периодите што се проучувани. „Конечно, не е јасно дали навистина постои позитивна, негативна или никаква врска помеѓу нееднаквоста и економскиот раст", вели Штихнот.

Нема недвосмислено докажана причинско-последична врска - „тоа е дилемата на социјалните науки", вели Штихнот.

Но, дебатата е далеку од завршена. Неодамна, истражувачите на ММФ ги прецизираа нивните претходни резултати, обидувајќи се да утврдат каде точно нееднаквоста има негативно влијание врз растот.

Symbolbild Obdachlosigkeit & Kluft zwischen Arm und Reich
Фотографија: picture-alliance/Ulrich Baumgarten

Нееднаквоста расте

За одредени наоди дилеми нема дури и кај економистите. На пример, дека семејствата со ниски приходи инвестираат помалку во образованието - и така имаат уште помалку шанси на пазарот на работна сила, на кој се бара стручна работна сила.

Исто така, не постои сомнеж дека нееднаквоста е зголемена во повеќето земји. ММФ го означува тоа како  „еден од најголемите предизвици на нашето време". ОЕЦД, пак, истакнува дека јазот меѓу богатите и сиромашните во нејзините 35 земји членки е „толку голем, каков што не бил веќе 30 години“.

И ширум светот развојот на ситуацијата е сличен. „Нееднаквоста во приходите во последниве децении се зголеми во речиси сите региони на светот", се вели во Светскиот извештај за нееднаквоста од 2018 година,  на кој, меѓу другото, работеше францускиот економист Томас Пикети.

Стабилна нееднаквост остана само таму каде што е веќе „исклучително висока“ - на Блискиот Исток, субсахарска Африка и Бразил.

Значи сè е безнадежно? Дали богатите стануваат побогати и сиромашните сѐ посиромашни? Не, вели германскиот научник Штихнот. „Глобално, земјите што некогаш беа многу сиромашни, во последните 30 години масивно напредуваат. Големите победници на овој развој се многу богатите, како и средната класа во Кина и во други азиски земји."

Во Кина и во Индија, нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните е огромна. И сепак, јазот меѓу приходите  во овие земји и оние во САД или во Европа е намален. Глобално погледнато - нееднаквоста се намалила.

Потрага по заштита

Но дури и ако глобалната нееднаквост се намалила „тоа е мала утеха за оние, кои самите немаат никаква полза од тоа“, вели Штихнот. Во нив се вбројуваат оние со ниски и просечни примања во Европа и во САД. Глобално погледнато тие се можеби богати, но нивните примања речиси и да не се зголемиле, се вели во Светскиот извештај за нееднаквоста. Други студии утврдуваат дури и намалување на приходите.

Infografik Anteil an Einkommen Top 10%  2016 ENG

Глобално изедначување при истовремен раст на нееднаквоста во самите земји - и тоа е едно можно објаснување за јакнењето на популизмот, национализмот и протекционизмот.

„Граѓаните можат да ја загубат довербата во институциите и тоа ги поткопува општествената солидарност и вербата во иднината“, пишуваат истражувачите од ММФ.

Празни каси кај државата

Прашање е дали владите можат со нешто да му се спротивстават на овој тренд, зашто нив често едноставно им недостасуваат средства. 

Речиси сите земји од 80-те години на минатиот век приватизираа големи делови од својата државна сопственост. „Земјите стануваа побогати, но владите посиромашни“, се вели во Светскиот извештај за нееднаквоста. Тоа сега го ограничува нивниот простор за делување во борбата против нееднаквоста.