1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катастрофа во Скопје: небото и земјата се споија

Костадин Делимитов7 август 2016

Официјално има 17 настрадани, но се стравува за уште најмалку тројца. Повеќемина се водат за исчезнати, а има и над 20 повредени. Најпогодени се Стајковци, Арачиново, Сингелиќ и Ченто.

https://p.dw.com/p/1Jcz1
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Исфрлени автомобили врз куќи, до два метра вода, Стајковци по автопат,....потопени куќи, уништени домови....специјалци, војска...штети.
Поплавени домови, превртени автомобили, затрупани улици со кал, камења и отпад. Катаклизмична ноќ во Стајковци, скопското село каде ударот од водената стихија предизвика најголеми штети. Растрчани мештани со солзи во очите спасуваат што може да се спаси. Во пеколната ноќ се спасувале самите, утрината велат, донела страшна слика:
„Катастрофа, ова е досега невидено. Цела ноќ ја минавме на вториот кат од куќата, а кога се симнавме сабајлево во дворот што да видиме, кршови од автомобили. Во еден од нив најдовме две тела, мислевме најпрвин дека се вреќи со ѓубре но кога се повлече водата видовме дека се тела, страшно, раскажува вознемирено еден од жителите на Стајковци.


Сликата е страшна, улиците се уништени, речиси да нема куќа која е без оштетувања:
„Сѐ изгубивме покуќнина, имот, се! Не знам што ќе правиме, не знам“, коментира една жителка која со својот сопруг ја расчистува водата од својата куќа.
Полицијата и армијата се во селото уште од синоќа. Најпрвин биле евакуирани жените и децата од првите два реда куќи што се во близина на автопатот од каде доаѓал најголемиот нанос на вода и кал, а заедно со нив и автомобилите кои во критичниот период се нашле на обиколницата. Десетици автомобили, камиони и автобус се превртени долж атопатот и околните ниви.


Погодени се и Арачиново, Синѓечиќ и Ченто.
Официјално има 17 настрадани, но се стравува за уште најмалку тројца. Повеќемина се водат за исчезнати, а има и над 20 повредени. Најголем дел од нив беа префрлени во Ургентниот центар кој исто така беше делумно поплавен заедно со приземјето и подрумските простории на хируршкиот блок. Вода надојде и во сутеренот на Детската клиника.
Управувачкиот комитет за справување со кризи на вонреден состанок ја разгледуваше состојбата:
„Над 1.000 граѓани беа извлечени и им беше помогнато, беа во многу сериозна ситуација, а голем дел од нив и во животно загрозувачка ситуација. Институциите помогнаа оваа катастрофа да не е поголема“, рече министерот за здравство Никола Тодоров по завршувањето на состанокот.
Комисија ќе врши проценка на штетите а од Владата ќе се побара да се прогласи вонредна состојба во период од 15 денови за скопскиот и тетовскиот крај.
Во акцијата за помош и поддршка на настраданите освен институциите се мобилизираат и граѓаните и невладиниот сектор. Попладнево пред Веро Центарот во Скопје е организиран собирен пункт каде граѓаните можат да донесат помош.
Голем дел од граѓаните, преку социјалните мрежи, прстот го вперуваат во надлежните – велат навреме не биле преземени соодветни мерки за превенција.

Mazedonien Unwetter
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski


„Скопје има 1335 км патна мрежа, а 260 км атмосферска. Нека ви биде ова корисен податок пред другпат да речете не мешајте политика“.
„Браво политичари, само вие градете цркви и џамии и крстови, таман да се помолиме за загинатите“
„Плаќаме данок за да има канализација, опрема, пожарна, единици за ваков случај, за помош. Некој треба да одговара што ништо од тоа немаме“
„Ќе кажат природна катастрофа не се контролира и вистина е. Ама се контролира изградба на атмосферски канализации наместо Скопје 2014“ се дел од коментарите.
За само неколку часа во скопско наврнаа над 93 литри на квадратен метар, а удрија и над 1.000 громови. Метеоролозите најавуваат можност за нови сериозни врнежи и попладнево.