1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не се откажува ниту Мубарак, ниту демонстрантите

30 јануари 2011

Протестите во Египет продолжија и во текот на ноќта, и покрај масовното присуство на полицијата и армијата на улиците на поголемите египетски градови. Утрово (30.01.) состојбата е мирна.

https://p.dw.com/p/107N6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Разбојнички групи ја користат вонредната состојба во земјата, безбедноста на населението е загрозена.Група демонстранти синоќа подметнаа пожар во зградата на Даночната управа во Каиро, која се наоѓа во близина на Министерството за внатрешни работи и неколку други владини објекти.

Државните медиуми јавија дека за време на протестите имало пријавено најмалку 60 силувања, како и дека демонстранти упаднале во една болница за лекување деца заболени од рак и во Египетскиот музеј во Каиро, каде откинале глави на две мумии и уништиле десетина други експонати.

Во меѓувреме, локалните медими соопштија дека од еден затвор во пустината Фајум во јужен Египет побегнале околу 700 затвореници. При бегството на затворениците бил убиен началникот на затворот.

Мубарак назначи нов премиер и нов потпретседател

Претседателот на Египет, Хосни Мубарак вчера му додели мандат на министерот за цивилна авијација Ахмед Шафик да состави нова влада.

Претходно, владата на Ахмед Назиф поднесе оставка на барање на претседателот Мубарак. Назиф беше на чело на неколку влади во Египет.

Мубарак, претходно, првпат од 1981 година именува и вицепретседател на Египет. За таа функција го именува началникот на египетското разузнавање Омер Сулејман, кој положи заклетва.

Flash-Galerie Ägypten Kairo Proteste
„Те мразиме Мубарак“, пораката што демонстрантите му ја упатуваат на претседателотФотографија: picture-alliance/dpa

Според лидерот на египетската опозиција Мохамед ел Барадеј, владејачкиот режим во Египет предводен од претседателот Хосни Мубарак не успеал да ги исполни барањата на својот народ и треба да си замине:

Тој во интервју за катарската телевизија Ал Џезира го обвини Мубарак дека не е способен да го слушне гласот на граѓаните, кои од него бараат оставка.

„Неопходно е египетската Влада да биде составена од претставници на народот, а Уставот да биде подемократски“, изјави поранешниот генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и добитник на Нобеловата награда за мир во 2005 година.

Барадеј не е задоволен и од именувањето на Омер Сулејман за вицепретседател и Ахмед Шафик за нов премиер. „САД треба да изберат меѓу народот и владејачкиот режим во Египет“, посочи Барадеј.

Протестите однесоа стотина човечки животи

Најмалку 102 лица загинаа за време на досегашните жестоки антивладини протести во Египет, што започнаа во вторникот, соопштија египетски медицицнски извори.

Според истите податоци, само во немирите во текот на вчерашниот ден животите ги загубиле 33 лица, од кои дури 22 во местото Бени Суеиф на околу 140 километри јужно од Каиро.

Најкрвав ден во протестите беше петокот, кога загинаа 62 лица, од кои 35 во Каиро.

Во немирите предизвикани од протестите за смена на режимот на египтескиот претседател Хосни Мубарак, се повредени околу 2.000 лица.

Автор: ТТ/БГ/миа, макфакс

Редактор: Трајче Тосев