(Не) доволно извинување
23 декември 2011Не, гласи одговорот од опозиционите партии. Вицепретседателот на пратеничката група на Социјалдемократите Хубертус Хајл се заложи за целосно расветлување на обвинувањата против претседателот Кристијан Вулф во покраинскиот парламент на Долна Саксонија. Мора да биде проверено дали Кристијан Вулф, додека ја извршувал функцијата покраински премиер, го прекршил законот за министри во Долна Саксонија. Демохристијаните и Либералите досега се спротивставуваа на ова. „Сите правни сомнежи мора што е можно побрзо да бидат остранети. Само ако успее тоа, претседателот може да ја извршува функцијата, како што е неопходно“, смета Хајл.
Генералниот секретар на СПД, Андреа Налес дополнува: „Личното изнесување на сојузниот претседател, одамна беше неопходно“. Сега, според неа, останува целосно политичко расветлување во покраинскиот парламент на Долна Саксонија.
Вулф го кажа она што беше познато
Шефот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Ренате Кинаст, критикуваше дека извинувањето на претседателот е недоволно. „Кристијан Вулф го кажа она што беше познато“, изјави Кинаст и дополни: „Останува непријатно чувство на неизвесност и нејаснотии околу ’системот Хановер’“. За да се одговори на критиериумите, за функцијата да се извршува достоинствено, потребно е опсежно изјаснувања, бара Кинаст.
Меркел со воздржана реакција
Канцеларката Ангела Меркел реагираше воздржано на изјаснувањето на претседателот и јавното извинување за неговиот спорен приватен кредит. Преку владиниот портпарол Штефан Зајбер порача: „Зборовите на сојузниот претседател говорат за себе и нема што да се дополни“.
Сестринската партија на Демохристијаните на Меркел, Христијанско- социјалната унија, побара да заврши дебатата ококу кредитот на претседателот. „Кристијан Вулф опсежно се изјасни. Ова изјаснување беше добро и правилно“, изјави генералниот секретар на партијата, Александар Добринт во Минхен.
Претседателот на Либералите, помалата партија во владејачката коалиција, Филип Реслер, изјави дека Вулф заслужува респект за неговото изјаснување, кое ги расветлува најважните елементи од обвинувањата. „Добро е што Кристијан Вулф уште пред Божик одговори на потребата, лично да се изјасни“, подвлече вицеканцелерот.
Автор: АТ/ ард/ дпа/ дпад
Редактор: Ж.Ацеска