1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не го убивајте дијалогот!

Ханс Фајфер
10 јули 2017

Не ги делам многу од мислењата на критичарите на самитот, но мора да се цени нивната страсна критика против експлоатацијата и гладот во светот. Самитот значи дијалог. А алтернатива за него се растечките ѕидови.

https://p.dw.com/p/2gHGb
Hamburg G20 Schanzenviertel Ausschreitungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Heimken

Моите впечатоци, по четирите дена поминати на самитот Г20 во Хамбург како новинар, се комплексни, противречни и збунувачки. За мене е крајно загрижувачки колку лесно во социјалните медиуми се станува мета на критики и се добива етикета „авангардист на левичарскиот тероризам“, единствено поради обид за разјаснување на овие противречности. За мене е исто така потресувачко однесувањето на многумина политичари и коментатори кои, располагајќи со ограничени познавања за случувањата на теренот, сега водат главен збор и се чукаат в гради.

Разгалени насилнички милионерски деца

Разулавеното насилство на вооружениот џган од милитантни левичари, со тестостерон набиени пубертетлии, алчните јата на авантуристички желните туристи-безредници, претставуваше напад врз животот на другите луѓе. Тоа делумно беше очигледно организирано, а делумно спонтано. Стрвноста во очите на престапниците и нивните погледи алчни по ексцеси, се крајно застрашувачки, зашто ја покажуваат отсутноста на обѕир кон оној отспротива, отсуство на човечност, а напротив, барање само прилики за изживување. Политички погледнато, овие деликвенти уништуваат еден од најважните столбови на општествениот напредок: дијалогот.

Трагањето по изворот на оваа омраза е второстепено. Првостепено е нејзиното зауздување, заради оставање на можноста за водење дијалог. Но, исто толку важно е да не се врши поедноставување на овие насилнички ексцеси: имено, нивни извршители не беа само левичарските радикали, туку и за доживувања гладните деца од хамбуршките милионерски квартови. Политиката нив не ги интересира, тие се заинтересирани за одмерувањето на силите со државната власт. Тие живеат во меурот на благосостојба, полни презир кон сопственоста на другите, зашто за нив - сопственоста во секој момент е заменлива и надополнлива.

Но, напад претставуваше и ескалирачката стратегија на полицијата. Напад врз истиот столб на општеството- дијалогот. Полицијата се обиде да ги спречи луѓето да стапат во дијалог со учесниците на самитот, што е застрашувачки. Имав прилика да видам полицајци при хајка. Но, видов и полицајци како му се дерат на својот водник да ја спушти топката и да не растура и најмали групи демонстранти. Бев сведок кога полицајци без никаква причина удираа демонстранти по нозете. А кога водени топови беа употребувани за да се избрка еден единствен фотограф од пуста улица, значи нешто не било во ред со сразмерноста. Оваа стратегија ја сметам за опасна, зашто кај полицијата продуцира и зацврстува слики на страшила. На тој начин само се зголемуваат општествените тензии.

Pfeifer Hans Kommentarbild App
Ханс ФајферФотографија: DW

Легитимна е и критиката против полицијата

Поради мојата критика против полицијата, на Фејсбук бев нападнат, со аргументација - задача на полицијата е да го спроведува редот, вклучувајќи го и реализирањето на монополот на сила. Но, токму од причина што таа има монопол врз употребата на сила, мора да го спроведува во разумни размери. Уште полошо - во Хамбург полицијата и политичарите се ставија над законот, растурајќи судски дозволени кампови за спиење.

Досега воопшто не стана збор и за трет аспект на попречениот дијалог: фактот што овој самит мораше да биде обезбедуван од 20.000 полицајци за воопшто да може да се одржи. Според мене, страшно е во општество кое пледира на отвореност, да растат вакви ѕидишта.

По три дена интервјуа во рамките на протестите, врз мене гротескно делуваше нурнувањето во стерилниот свет на учесниците на самитот: бесплатни бифиња и скапи пијалоци, бесплатни весници и пригушени разговори меѓу новинарите и дипломатите. Немав впечаток дека најголем дел од нив можат да сочувствуваат со мирисот на сиромаштија и немирите на луѓето надвор од тврдината на сајмиштето. Близината кон власта и фасцинацијата да се доживее Трамп „во живо“, се поголеми од контрадикторната вжештеност надвор на улиците. Не ги делам многу од мислењата на критичарите на самитот, но мора да се цени нивната страсна критика против експлоатацијата и гладот во светот. Оној кој ги исмева како „добромисленици“ и, поради ескалациите, сега ги етикетира паушално како „левичарски фашисти“, ставајќи ги во ист ќош со десничарските тепачи кои организираат „лов“ врз бегалците и бездомниците, треба да се засрами. 

Самитите се дијалог

Без оглед на болката во стомакот, изјавите дека вакви самити мора да се можни и во град како Хамбург, ги сметам за оправдани. Зашто, самитот значи дијалог. А алтернатива за него се растечките ѕидови.

Многумина мои пријатели во Хамбург во изминативе денови беа сведоци на настаните. Сите тие се растревожени. Тие сите бараат разговор со другите пријатели и споредување на впечатоците. Сите се шокирани поради насилството, буквално пред нивната сопствена врата. Но, тие се револтирани и од повеќенедлените шиканирања од полицијата. На сите им е јасна комплексноста на настаните. Разговорите се благотворно диференцирани и ослободени од предрасуди. Затоа, по самитот на Г20 во Хамбург, можам да ја извлечам поуката: мораме да разговараме едни со други.