1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не ги потценувајте последните одлуки на Трамп

Михаел Книге
23 февруари 2017

За разлика од контроверзната забрана за влез во земјата, новите имиграциски одлуки на претседателот Трамп не предизвикаа големо внимание. Но токму тие претставуваат остра промена на курсот на САД кон имигрантите

https://p.dw.com/p/2Y74T
USA Präsident Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/abaca/O. Olivier

На администрацијата на Трамп мора да ѝ се оддаде признание онаму каде ја заслужува: Департментот за внатрешна безбедност направи мудар потег со одлуката да ги брифира новинарите за новите директиви, објаснувајќи дека новите правила издадени од претседателот нема да водат кон итни масовни депортации на недокументираните имигранти и дека ткн. Сонувачи- стотици илјади луѓе кои во земјата пристигнале како деца- нема да бидат погодени од тоа.
Потегот веројатно беше насочен кон намалување на ударот од новите мерки и кон намалување на отпорот во јавноста сличен на оној кој се јави по избрзаните први мерки на Трамп во однос на имиграцијата. Но дури и без масовното протерување на сонувачите и на другите, новите правила се круцијални и означуваат пресвртна точка во ставот на владата на САД кон недокументираните имигранти.
Спротивно на мислењето на многумина, Вашингтон ни досега не беше нежен кон илегалната имиграција. Всушност, поранешниот претседател Барак Обама депортираше повеќе луѓе од било кој од неговите претходници- Републиканец или Демократ.

Главен депортер

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Во времето на Обама, отстранувањето на недокументираните имигранти достигна највисоко ниво во 2013 кога речиси 44 илјади луѓе беа депортирани. Поради неговиот фокус на депортациите, Обама беше наречен „врховен депортер“ од страна на најголемата група за поддршка на хиспанците во САД. Во последната година, администрацијата на Обама го намали бројот на депортациите, фокусирајќи се во најголем дел на бркање на оние со пресуди за кривични дела.
Сега, одлуката на администрацијата на Трамп го удвојува и онака строгиот став кон недокументираните имигранти заземен од Обама но, уште поважно, се зголемува бројот на луѓе кои можат да бидат цел на депортација. Под Обама, власта се фокусираше на депортирање мигранти со судско досие. Со новите правила на Трамп, секој кој ги прекршил имигрантските правила може да биде депортиран.
Дополнително, ткн. забрзани отстранувања на домашното биро за безбедност ќе бидат зголемени, а ќе им бидат дадени поголеми права на државните и регионалните власти да одлучуваат за поединци кои треба да бидат депортирани, како и на имиграциските власти кои ќе можат да оценуваат дали некој поединец претставува опасност за националната безбедност. Во целина, правилата на Трамп веројатно ќе водат кон драматично зголемување на депортациите.

Иако мерките на Трамп веројатно ќе се покажат популарни- не само кај неговите главни поддржувачи- тие се сепак погрешни. Едно е да се депортираат недокументирани имигранти со криминално досие и кои претставуваат очигледна опасност за националната безбедност. Сосема друго, и погрешно е, дополнително да се стигматизира и онака длабоко стигматизирана група на луѓе, недокументираните имигранти, кои според истражувањата вршат помалку кривични дела од родените Американци, и таквиот потег само ќе ги продлабочи поделбите во државата.
Но, тоа не е единствената причина зошто ваквата политика е погрешна. Тоа е непотребно трошење на време и ресурси во Департментот за внатрешна безбедност и во други владини агенции за пресметка со луѓе кои, во споредба со други предизвици, претставуваат многу мала опасност и ризик за националната безбедност на САД.