1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмалку 9 жртви во судар на возови во Баварија

М. Лангер/дпа/ЗЈ9 февруари 2016

Најтешка железничка несреќа во Германија за последните пет години: во директен судар на два патнички воза кај Бад Ајблинг има и десетици повредени патници. Меѓу нив има и луѓе со тешки повреди.

https://p.dw.com/p/1Hs96
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Баварската полиција соопшти дека во директниот судар на два патнички воза кај Бад Ајблинг, во баварскиот округ Розенхајм, девет лица го загубиле животот, меѓу нив се претпоставува дека се и двајцата машиновозачи. Десет лица се тешко повредени, осум доживеале средно тешки повреди, а 63-ца патници се полесно повредени. Засега како исчезнато се води најмалку едно лице.

Несреќата се случи изутрината на едноколосечна пруга помеѓу Холцкирхен и Розенхајм. По фронталниот судар еден од возовите излета од шините, повеќе вагони се превртија. Обата воза и’ припаѓаат на приватната железничка компанија „Меридијан“. Делницата на пругата меѓу Холцкирхен и Розенхајм, долга 37 километри, е целосно блокирана и неизвесно е до кога ќе трае тоа. Веднаш е организиран сообраќај со автобуси. Причините за катастрофата засега се’ уште се непознати. На таа делница досега, според покраинскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман, немало некакви пречки или технички проблеми.

Спасувачките работи беа многу отежнати поради тешко пристапното место на кое се случи трагедијата: на една стрмно, шумско место, поикрај една рекичка. Сепак многубројни спасители помгона во извлекувањето на повредените, кои со повеќе хеликоптери и возила за итна помош беа транспортирани в болница.

Deutschland Zugunglück bei Bad Aibling
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Lein

Возовите изутрина се полни со луѓе кои одат на работа - многумина кон Минхен. За среќа, денеска во возовите немаше ученици, оти во Баварија мометно е школски распуст.

Германскиот канцелар Ангела Меркел им изрази сочувство на семејствата на настраданите.

Ова е најтешка железничка несреќа во Германија за последните пет години. Во јануари 2011 година во судар на локален патнички и товарен воз во покраината Саксонија Анхалт загинаа десет лица. Во Баварија ваква несреќа немало од 1975 година. Тогаш се судрија два брзи воза, при што имаше 41 загинат.