1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО сега или НАТО никогаш

27 март 2018

Македонија можеше да ја отфрли солидарноста со Западот и комотно да се смести во групировката на западни генералисимуси со руски штрафта маички под шињели. Можеше, но не го стори тоа. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/2v5fq
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку делата зборуваат повеќе од зборовите, по вчерашното делување на македонското МНР со протерување на руски дипломат во солидарност со партнерите од Западот, единствениот начин за реципрочен акт од страна на партнерите е итно, неодложиво и беспоговорно членство на Македонија во НАТО на следниот Самит. Во отсуство на таков конкретен акт и дело на итен и конкретен чин преку прием во НАТО, ниедна и никаква изјава, ниедна пофалба, ниедна реакција, декларација или аплауз упатен кон нас не може да се смета никако поинаку освен како тапкање на куче по глава и директна навреда кон Владата и граѓаните на оваа земја. И искрено се надевам дека оние (Заев, Димитров, Ахмети) кои заземаа навистина исклучително храбар и државнички одговорен чин на солидарност кон Западот, нема да се либат да на исто така храбар, државнички и дрзок начин им засиктаат на партнерите од Западот – каде е вашата солидарност со нас? И ги одбијат, без пардон, без срам, без перде, сите нивни уважувања, пофалби, поддршки, умилкувања и слатки зборови како навредливи и нечесни доколку не се проследени со конкретен акт на прием во НАТО. 
Македонија можеше да ја отфрли солидарноста со Западот и комотно да се смести во групировката на западни генералисимуси со руски штрафта маички под шињели. Можеше, но не се зададе по тој политички по-раат пат на опортунизам, поради што секако може да сноси последици. Дотолку знаеме, и без потсетувања од руската амбасада. Во чии, пак, изливи на шокираност за „акти без преседан” нема премногу волја и памет за потсетување на непријателските изјави на рускиот заменик министер за надворешни дадени по минатонеделната средба со македонскиот амбасадор во Москва. Поради што, според секоја дипломатска и меѓународна логика, актот на непријателски преседан е превземен од страна на Москва, додека пак оној на Скопје е реципрочен одговор кој ја побива интерпретацијата дека одлуката на овдешното МНР е непромислен или избрзан одговор. Напротив! 
Прозападна ориентација на дело
И токму затоа, признание кога има причина за признание треба да се адресира кон Владата која со својот акт на дело ја докажа нејзината про-западна ориентација, дури и по цена на сопствената популарност. Нешто што партнерите од Западот допрва треба да го докажат на дело, дури и по далеку помала цена на сопствена популарност. Со таа мисла на ум, нечесни и сосема цинични се обидите одлуката на Владата да се протолкува како акт на сервилност, подлизурство или немање 'рбет пред западните партнери. Но исто така, факт е дека доколку истиот Запад не реагира со чин на уважување преку итно членство во НАТО, тие самите – НАТО и ЕУ - се виновни во исцртувањето на карактерот на оваа Влада според наведените непосакувани параметри на политички однос. Поради што, бидете убедени, било која следна влада длабоко ќе се замисли како да се постави пред следните предизвици на определување кон западот или истокот.  
Затоа, како никогаш досега, треба да се каже јасно и гласно - НАТО сега или НАТО ај со здравје. Бидејќи, доколку на една Македонија и една Албанија им е полесно да протераат руски дипломати отколку што им е на такви „западни бастиони” како Грција, Австрија, Бугарија, Португалија, а притоа се уште бараат влакно во јајце за да не држат на ветрометина како жртвени кози врзани на сафари, тогаш навистина испаѓа дека се во право русофилите балкански – кое фајде од Западот? Дотолку повеќе што случајот Скрипал ја поби на мизерен начин изговор тезата на Јункер и миленичката на Путин, Могерини дека ЕУ не увезува спорови. А притоа од нас се очекува да не им веруваме на сопствените очи со кои гледаме дека не само што во самата ЕУ врие од спорови дабетер од нашите, туку со циничниот однос на Брисел кон Македонија, Албанија, Косово дури и ги извезува внатрешните ситни подлости и средновековни кавги на наш терен. Колку ли само испразнето звучат зборовите на Јункер и Могерини додека во духот на Тито-Нехру-Насер се обидуваат да си ја отсликаат ЕУ како современа колонијална верзија на Неврзаните во односот помеѓу САД и Русија. Реалноста на теренот во која САД протера 60 дипломати, додека пак пионерите на Јункер-Могерини ја ставаат Русија пред Европа, сурово, но сосема јасно им докажува на граѓаните од регионот од каде навистина можат да очекуваат надеж, мир и рака подадена во судбоносен час на мир и немир. 
Жолта минута став
Затоа, време е за жолта минута став – НАТО сега или реципрочен третман. Не како закана, туку како мимикрија на европските стандарди на Унгарија, Грција, Италија и останатите фан-клубови на Путин низ стариот континент. Што друго да се очекува кога Меркел и Макрон, Меј и Рахој повеќе ги ценат путинистите во сопствени редови отколку про-западњаците пред порти оставени на милост на Орбан, Бојко, Ципрас и немилост на Путин. 
Каква и да е, таква како што си е, Владата на Заев сепак ги симна ракавиците и покажа кон Запад. И со тој гест завршуваат дебатите и трпението за изговорите на кремаљските употребливи идиоти низ Западот со кој не маваат по глава веќе десетина години. На оваа валкана игра со наши судбини во име на наше добро мора да и се стави крај. Крај. Finito. Ende. The end и коњец за патрдијата во која Македонија го брани НАТО, а пола НАТО игра казачок низ регионот. Патрдија во која Македонија треба да гори низ тестови на докажување на сопственото постоење поради хировите на Грција, додека пак Грција се лади во длабоката сенка на НАТО и јаранството со Русија. Однос во кој ние веќе не сме спремни да ја играме улогата на збунетиот за атер на лудостите на Западот. Однос во кој Западот бара и добива солидарност од Македонија додека истиот тој се солидаризира со Грција која пак се солидаризира со Русија.   
Штом НАТО се напнува до бескрај да докаже и покаже внимателност кон чувствата на про-Кремљ израстоците во сопствените редови, белки не е премногу да се бара и очекува нивно разбирање за нашата жолта минута став – Македонија во НАТО. Сега! Или НАТО марш у сто Кремљови.

Mazedonien NATO Generalsekretär Jens Stoltenberg in Skopje
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и шефот на македонската дипломатија Никола ДимитровФотографија: picture-alliance/abaca/AA/A. Fazlagikj

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач