1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО работи на нова стратегија кон Русија

ЕМФ / дв
8 ноември 2017

Дали НАТО е подготвен да одговори на евентуален напад од Русија? Интерни документи од алијансата отвораат дилеми. Сега се реагира со промена на стратегијата.

https://p.dw.com/p/2nFEi
USA verlegen schweres Militärgerät nach Osteuropa Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK Photo/J. Vostarek

НАТО со промена на командната структура ќе реагира на политиката на Русија, која се смета за агресивна. Според генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, треба да се направат центри за планирање и раководење на акциите на морнарицата во Атлантикот и за преместување на трупите во рамките на Европа. Целта е да се овозможи брза и ефикасна реакција на НАТО доколку тоа биде неопходно.

Столтенберг очекува министрите за одбрана на алијансата денеска во Брисел да дадат зелено светло за ваквите планови.

Дали силите за брза реакција би биле навистина брзи?

Новата стратегија се носи поради сознанието дека актуелната командна структура веќе не е соодветна на она што го налага актуелната состојба на закани. Во интерен документ на алијансата неодамна беа ставени под прашање способностите на НАТО за одбрана во случај на криза. Во него беше изразено отворено сомневање дека силите за брзи интервенции на воениот сојуз во моментов навистина можат да реагираат брзо и ефикасно. Во документот се укажува на особено големи дефицити во источниот дел на НАТО и тоа во делот на логистиката и инфраструктурата.

Brüssel NATO Generalsekretär Stoltenberg PK zur neuen Strategie
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, очекува денеска да бидат одобрени плановите за стратегијатаФотографија: picture-alliance/abaca/D. Aydemir

Ова е релевантно дотолку повеќе што Русија од почетокот на кризата во Украина повторно се смета за голем фактор на несигурност. За да се заплаши Русија, во Балтикот и Полска беа испратени неколку илјади НАТО-војници, кои во случај на потреба би добиле засилување од страна на силите за брза реакција.

Ова претставува драстична промена на политиката по крајот на Студената војна. НАТО на почетокот на 1990-те сметаше дека веќе нема да биде неопходна политика на заплашување, за која е неопходен голем персонал и многу пари. Командните структури беа драстично редуцирани. Од 33 главни штабови, колку што имаше во времето на Студената војна, денес се останати само 7. Персоналот беше намален од 22 илјади на 6.800 вработени.

Каде ќе бидат сместени новите главни штабови, колкави ќе бидат трошоците и колку нови луѓе треба да се вработат, сѐ уште не е прецизирано. Столтенберг рече дека Германија доаѓа предвид како локација за сместување на главниот штаб за логистика. Одлука за ова треба да биде донесена во февруари 2018 година.