1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нарушување на односите Кина - Германија поради маици?

СН/ агенции
10 март 2017

Официјални претставници од Пекинг побараа извинување од германска компанија поради маици со наводни навреди на Кина. Спорните маици дури можат да ги расипат односите меѓу двете земји, предупреди кинеската амбасада.

https://p.dw.com/p/2YxVU
Screenshot Spreadshirt Webseite
Фотографија: Spreadshirt.com

Кинеската амбасада во Берлин побара денеска германска интернет продавница да запре со продажбата на маици со слогани кои ја навредуваат Кина.

На интернет сајтот Spreadshirt.de во понуда се маици со слоганите „спаси куче, изеди Кинез“ и „спаси ајкула, изеди Кинез“, како и блузи со слика на два лажни карактера од кинеската азбука кои имаат секс со натпис „сега разбирам кинески“.

Кинеската амбасада соопшти дека се пожалила на германската влада и побарала „компанијата да ја запре продажбата на маици кои ја навредуваат Кина“, да се извини и да понуди објаснување.

„Истовремено, бараме германските надзорни власти да ги извршат своите обврски во однос на деловните активности на компанијата и на вебсајтот за да не бидат нарушени пријателските чувства меѓу нашите два народа“, стои во соопштението на амбасадата.

Deutschland | Botschaft der Volksrepublik China in Berlin
Фотографија: picture alliance / Eibner-Pressefoto

Во соопштението уште е наведено дека трговски и економски претставници на амбасадата веќе се сретнале со претставници на команијата „за да изразат огромно незадоволство“ од маиците.

Компанијата од Лајпциг која ги продава блузите засега нема официјален коментар, но кинеските медиуми јавуваат дека во Spreadshirt изјавиле дека не се одговорни за маиците со оглед дека служат само како платформа на која други дизајнери ја продаваат нивнaта облека.