1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напредок со тројни чекори

Матијас фон Хајн/З.Ј. 14 јули 2016

Атомскиот договор со Иран беше историски успех на дипломатијата. Техеран ја редуцира својата нуклеарна програма, санкциите беа укинати, а земјата излезе од излоација. Па сепак, расте разочарувањето.

https://p.dw.com/p/1JOq2
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Lemarque

Во палатата Кобург во Виена, здание од 19. век преуредено во луксузен хотел, лани летото речиси три недели се одвиваше завршната фаза од дванаесетгодишниот преговарачки процес за иранската атомска програма. Министрите за надворешни работи на петте постојани членки на Советот за безбедност плус германскиот и претставникот за надворешна политика на ЕУ преговараа со иранскиот шеф на дипломатијата. На крајот истрајната дипломатија постигна историски успех, редок во меѓународната политика: по преговори до раните утрински часови беше склучен атомскиот договор. На сто страници, со пет анекси, во подробност е регулирано како Иран ќе ја редуцира својата атомска програма, а меѓународната заедница постепено ќе ги укинува санкциите кои екстремно ја оптоварија економијата на таа земја.

.

Symbolbild Wien Iranische Atomverhandlungen
Последната преговарачка рунда во Виена траеше 20 денаФотографија: Getty Images/AFP/D. Nagl

Една година по славјето владее отрезнување

Договорот беше прославуван на улиците на Техеран се` до ноќните часови. Сега, една година потоа, во Иран настапува отрезнување. Се` уште го нема очекуваниот економски подем, што Иранците го илустрираат со поговорката „Многу тенџериња и тави, а вечера нема“. Али Фетола-Нејад, експерт за Иран од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП), во интервју за ДВ објаснува дека големите очекувања за економска ревитализација на Иран биле поврзани со многу илузии. Санкциите се укинуваа побавно отколку што се очекувало, а ефектите од укинувањето настапуваат побавно отколку што се надевале. Загубена е и надежта за отворање простор за цивилното општество, констатира Фатола-Нејад: авторитарната држава, барем краткорочно, станала посилна, репресијата се зголемила.

Наложените обврски се исполнети

Факт е дека по Атомската спогодба Иран е под строг надзор од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија. Таа лани во декември потврди дека земјата го исполнила својот дел од договорот - оцена која не е променета до денес, и покрај најдеталните контроли. Поради тоа на почетокот од годинава беа укинати првите санкции. Работата ја компликува тоа дека санкции воведуваа и ОН, ЕУ и САД. Оливер Мајер од берлинската фондација „Наука и политика“ за ДВ наведува дека „има санкции од САД во финансиската сфера, кои и натаму опстојуваат, американски санкции кои влијаат и врз други економски сфери, а тоа на противниците на Договорот им дава можност постојано да го попречуваат“. Договорот има многу противници - не само претседателскиот кандидат Доналд Трамп, туку првенствено во Конгресот - кои велат дека на Иран не може и не треба да му се верува. Во регионот Израел и некои држави од Заливот и натаму се многу критички настроени, а критичари има и во самиот Иран, укажува Оливер Мајер.

Iran, Feiern zum Nuklearabkommen
Во Иран бурно се скавеше договоорт со ЗападотФотографија: picture alliance/AA/F. Bahrami

Финансиските санкции како иглени уши

За интеграција на Иран во светската економија токму санкциите во областа на финансиите се покажаа како иглени уши кои тешко можат да се заобиколат. Тоа го почувствуваа и германски претпријатија, кои гледаат голем потенцијал за економските односи со таа земја. Откако Иран во јуни ги отплати старите долгови од половина милијарда евра, сега зделките дури можат да бидат осигурани и со Хермес-извозни гаранции од страна на германската држава. Но, бизнисот го попречува неповрзаноста на Иран во банкарскиот систем.

Поради неразјаснето финансирање, тапка во место и нарачката на 118 авиони Ербас од страна на Иран. Досега САД драстично казнуваа паричен сообраќај со Иран. Голема е правната несигурност. Се чека првиот чекор да го направат американски банки. Но, во вторникот беше отажана средба на иранската централна банка, министерството за финансии на САД и меѓународни банки во Лондон. На дневен ред беше и барањето на Европејците за правнообврзувачки гаранции дека нема да бидат казнети за парични зделки со Иран.

Дивиденда од Договорот

Али Ваез, експерт за Иран од Кризната група, за ДВ вели дека не треба да изненадува таквиот бавен тек на работите, но веќе гледа и дивиденда за Иран од Атомскиот договор: ослободени се замрзнатите 55 милијарди американски долари, веќе има дотек на директни странски инвестиции од 3,5 милијарди долари, а производството и извозот на нафта го достигнаа нивото од пред санкциите. Затоа за годинава во Иран очекуваат стопански пораст од пет проценти, наспроти ланскиот, кој изнесуваше само половина процент.

Опасноста од атомско вооружување на Иран навистина засега е отстранета, но регионот не стана помирољубив. Натамошно се заостри ривалитетот меѓу Иран и Саудиска Арабија. Иран тестира ракети, што не е ограничено со Договорот, а Саудиска Арабија останува најголем увозник на оружје во светот. Тие арсенали се употребуваат во конфликтите во Сирија и Јемен. На регионот му е потребна нова безбедносна архитектура која ќе ги земе предвид оправданите интереси на сите страни, смета Фатола-Нејад од ДГАП. Тој притоа мисли на нешто слично како Конференцијата за европска безбедност и соработка. Но, патот до таму е долг и трнлив. Битно е дека Атомскиот договор опстојува – колку и да е нестабилно конструиран, и и покрај неговите моќни противници.