1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080208 Russland Rüstung

Карла Енгелхард, Москва8 февруари 2008

На минхенската конференција за безбедност германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер агитира за нова иницијатива за разоружување. Цел на иницијативата веројатно е Русија

https://p.dw.com/p/D4WH
Руски војници тренираат за парадата по повод Денот на победатаФотографија: picture-alliance/dpa
Септември 2007-ма, државната телевизија во вечерниот дневник емитува снимка од тестирањето на новата вакуум-бомба. Водителот воодушевено соопштува дека бомбата предизвикува во радиус од 300 метри се’ што е живо едноставно да испари. Државните медиуми го слават тестот како успех и доказ за руската надмоќ. Западот тоа го прима како натамошна закана од Кремљ. Бомбата се вклопува во курсот на претседателот Владимир Путин, и Кремљ да покаже мускули, по проширувањето на НАТО кон исток и планираниот американски антиракетен штит. Шефот на генералштабот на руската армија Јури Балујевски неодамна надополни и со залагањето за превентивен атомски удар од неговата земја.
Колку е реално силна руската армија?
Западните воени експерти досега ги смета за празна закана можните превентивни напади на руските сили против терористи ширум светот. И рускиот воен експерт Павел Фелгенхауер се сомнева: „Реалната состојба на нашите оружени сили е слаба, поради тоа ние толку често зборуваме за употреба на атомско оружје. Но, ни тоа наше оружје не е во добра состојба. Никој не знае колку ракети за атомски боеви глави се навистина уште употребливи, посебно не колку прецизно тие летаат и колку од нив паѓаат“. Но, Русите напредуваат. За прв пат од крајот на студената војна Кремљ повторно испраќа бомбардери со долг долет на контролни летови над Атлантикот и Пацификот, руската воена флота повторно вежба во Атлантикот и Медитеранот. Критичари и’ префрлуват на владата дека со се’ поголеми маневри и нови „чудесни“ оружја сака да го одврати вниманието од севкупно јадната состојба на воените сили во воздух, на земја и во вода. Павел Фелгенхауер е уште подрастичен: „Ние имаме малку техника што е употреблива. Имаме многу авиони на број, но не и употребливи, тенковите се уште помалку способни да возат, од нивните екипажи. Проблемот станува се’ поголем, техниката е застарена. Добрите офицери, специјалисти и екипажи во најголем дел се обучени уште во Советскиот Сојуз и полека заминуваат во пензија. Така, работата станува уште полоша“.
Русија пред се’ се вооружува на пропаганден план
За состојбата на руската армија нема јавна, официјална статистика. Познато е дека Кремљ има намера во наредните седум години да издвои 144 милијарди евра за модернизација на армијата од околу еден милион војници и за одржување на оружјето и воената техника. Тоа е добредојдено за руската воена индустрија, која ја надмина длабоката криза од крајот на 90-тите години и повторно самоуверено настапува на меѓународниот пазар за оружје. Но, некогашната велесила досега се вооружува пред се’ пропагандно и притоа радо на воен план демонстрира сила која реално ја нема, барем се’ уште ја нема. Годинава, по повод Денот на победата, претседателот Путин лично нареди воена парада со интерконтинентални ракети на 9-ти мај на Црвениот плоштад - за прв пат по пауза од осум години. Павел Фелгенхауер вака гледа на ова: „Голем технички проблем е да се донесе интерконтиненталната ракета Топел М на Црвениот плоштад, кој е преуреден и каде сега има трговски центар. Ракетата тежи преку 100 тони, нема ни просторни можности за свртување. Во советските времиња тоа не беше проблем, оти ги немаше новите згради. Но, Путин сака да стои на мавзолејот, како Сталин и Брежњев, и над него да летаат бомбардери. Тоа е чисто пропагандна парада“.