1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад на парискиот аеродром Орли

ЕМФ /агенции
18 март 2017

На парискиот аеродром Орли изутринава е убиен напаѓач кој претходно му го одзел оружјето на еден војник.

https://p.dw.com/p/2ZTGv
Frankreich Flughafen Paris Orly, Angreifer auf Soldaten erschossen
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Simon

Француското министерство за внатрешни работи потврди дека е убиено едно лице. Портпаролот на министерството, Пјер-Анри Брандет рече дека напаѓачот со оружјето кое го одзел од еден војник влегол во една од продавниците на аеродромот, по што е убиен од страна на безбедносните сили. Војникот кому му било одземено оружјето припаѓа најверојатно на антитерористичката единица „Сантинел“.

Аеродромот Орли е евакуиран, а летовите се пренасочени. Експерти за експлозив соопштија дека по направената проверка не е пронајдена бомба на телото на напаѓачот. Засега не се познати мотивите за нападот.

Агенцијата АФП, повикувајќи се на извори во француската полиција, јави дека нападот на Орли е најверојатно поврзан со инцидентот во близина на Париз што се случи час и половина пред нападот на аеродромот, кога човек пукаше во полициска патрола. Притоа беше повреден еден полицаец.

Франција во текот на изминатите години повеќепати беше цел на терористички напади. Пред само неколку недели во близина на музејот Лувр во Париз беше убиен човек кој со мачета се нафрли на воена патрола. Војници патролираат на аеродромите, железничките станици и други загрозени места поради опасност од терористички напади. Во Франција е воведена вонредна состојба по нападите во Париз од 13 ноември 2015 година. Тогаш екстремистите на терористичката милиција Исламска држава во повеќе напади убија 130 луѓе. Вонредната состојба беше неколку пати продолжувана и сега трае до 15 јули.

Напад на парискиот аеродром Орли