1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад врз републикански конгресмени

Миодраг Шориќ | ЕМФ
15 јуни 2017

Републикански конгресмен е во критична состојба откако напаѓач пукаше врз политичари кои тренирале за хуманитарен безбол меч во близина на Вашингтон. ФБИ се сомнева дека нападот има политички мотив.

https://p.dw.com/p/2ejWW
USA Schüsse auf Kongressabgeordnete in Alexandria, Virginia
Фотографија: Reuters/J. Roberts

Среда наутро, 07:09 часот. Спортскиот терен во Александрија, Вирџинија, кој е на само половина час возење од вашингтонскиот Капитол, е облеан во сонце. Осомничениот напаѓач прво прашува дали на теренот за безбол играат Демократи или Републиканци. Некој од минувачите рутински одговара: „Републиканци.“ Нешто потоа човекот кој го поставил прашањето пука врз околу 25 играчи на теренот - конгресмени, сенатори, вработени во парламентот, луѓе кои вежбаат за хуманитарен меч против Демократите.

Напаѓач, како што е објавено во меѓувреме, е 66-годишниот Џемс Т. Хоџкинсон. Најтешко е ранет конгресменот Стив Скелис (51). Тој е организатор, еден вид раководител на републиканските пратеници, па му следува полициска заштита. Двајца полицајци кои дотогаш го набљудуваат тренингот, веднаш отвораат оган и тешко го рануваат напаѓачот, кој подоцна им подлегнува на повредите. Повредени се и полицајците.

Скелис е погоден во пределот на левиот колк и има тешки повреди на коските и на внатрешните органи, соопштено е од болничкиот центар МедСтар во Вашингтон, каде што конгресменот е опериран. Тој е во критична состојба, што по посетата на болницата го потврди и претседателот Трамп.

Освен Скелис и двајца полицајци, ранети се уште две лица, за чијашто состојба засега не се знае многу.

USA Schüsse auf Kongressabgeordnete in Alexandria, Virginia
Полицијата го изолираше квартот околу теренотФотографија: Getty Images/A. Wong

Кој бил мотивот?

Според ФБИ, напаѓачот имал пушка и пиштол кои ги набавил во март годинава. Според очевидци, во престрелката се испукани најмалку педесетина куршуми. „Ги истражуваме сите можни агли“, изјави специјалниот агент Тим Слејтер. ФБИ верува дека напаѓачот од март живеел во приколка недалеку од игралиштето за безбол.

Едно од сомневањата е дека злосторството било политички мотивирано. Медиумите јавуваат дека Џемс Т. Хоџкинсон бил волонтер во кампањата на левичарот Берни Сандерс, кој загуби на внатрепартиските избори во Демократската партија. Сандерс изјави дека „најостро осудува употреба на насилство“.

Братот на напаѓачот, Мајкл Хоџкинсон, изјави дека напаѓачот во последните недели патувал во Вашингтон на протести затоа што бил незадоволен од исходот од претседателските избори. На интернет Џемс Хоџкинсон потпишал петиција со која се бара смена на Доналд Трамп, што на Фејсбук го прокоментирал вака: „Време е да се уништат Трамп&компанија“.

Демократите и Републиканците во Конгресот демонстрираат единство. Претседателот Трамп по нападот рече: „Можеби има несогласувања меѓу нас, но би било добро во вакви времиња да се потсетиме дека секој служи во главниот град на нашата нација, пред сѐ ја сака својата земја.“

Хуманитарниот натпревар меѓу претставниците на двете партии, кој има стогодишна традиција, ќе биде одигран според планираното - вечерва. Мерките за безбедност веројатно ќе бидат огромни. Полицијата по престрелките го изолираше квартот околу теренот, а зголемено е и присуството на полицијаци на Капитол.