1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до заеднички вредности?

Свето Тоевски3 јануари 2016

Македонија е простор каде што соопстојувале голем број различни етникуми и религии. Но, наспроти сето тоа многу луѓе не чувствуваат дека постојат поголем број заеднички вредности во македонското мултиетничко општество.

https://p.dw.com/p/1HX5Q
Фотографија: DW/S. Toevski

Зошто е тоа така? ДВ побара одговор на ова прашање од повеќе интелектуалци и експерти од различни етникуми. Фатмир Сулејмани, писател на албански јазик и декан на државниот Филолошки факултет во Тетово, одговара: „Имаме малку заеднички вредности и симболи поради лошата политика на сите досегашни македонски влади, кои зад флоскулата на таквото општество поправо се залагаа за еднонационална држава. Како заедничка вредност на Албанците и Македонците се споменува нобелистката Мајка Тереза, но, таа не може да се смета како заедничка вредност, се додека некои луѓе ја негираат нејзината етничка припадност, иако таа безброј пати нагласувала дека потекнува од албанско семејство. Во Македонија како заеднички вредности се сметаат само присвоените вредности на ’другиот’, со што се ’затемнува’ волјата за создавање заеднички симболи, кои ќе треба да почекаат порационални времиња“.

Според поетот и академик Милан Ѓурчинов, наместо заедничките симболи и вредности, преовладува етноцентризмот: „Како последица на ’новата политика’, наместо да имаме зближување и заедничко работење на одредени проекти и слично, сега е многу присутен етноцентризмот. Онака како што се етнички строго поделени партиите, така е поделена и културата, која би морала да биде спона, поврзувачко ткиво. Порано имаше повеќе допирни точки, повеќе заеднички активности, а сега се случува делба по сите основи. Заеднички вредности не постојат, бидејќи секој има некакви свои вредности, кои се различни, а често и спротивни на вредностите на другата национална заедница.“

Mazedonien Schriftsteller Fatmir Sulejmani
Професор Фатмир СулејманиФотографија: DW/S. Toevski

Нагласено политизирање на вредностите и симболите

Константин Миновски, експерт за социологија на етничките групи од Државниот Институт за социологија од Скопје, укажува на „нагласеното политизирање на заедничките вредности и симболи“, изнесувајќи став зошто е тешко да се градат: „Процесот на социјализација кај младите е расцепен по етнички линии. Образовниот процес е поделен по јазична основа во сите степени на образование, па можноста за комуникација и интеракција на младите е мала уште повеќе ако се има предвид и значајната територијална концентрација на етничките групи. Во таков општествен контекст е многу тешко да се изградат заедничките вредности и симболи. Мајка Тереза, чија активност не е поврзана за овие простори и која стана пошироко позната во јавноста особено по добивањето на Нобеловата награда за мир, се наметнува како прифатлив споделен симбол. Тоа не се случи со вториот нобеловец со албанско потекло д-р Ферид Мурат, ниту со Ѓорѓи Кастриот – Скендер бег.“

До новите парламентарни избори во Македонија има уште нецели пет месеци, но, одделни лидери на политички партии во земјата веќе започнаа повторно да користат етничка реторика, со цел да го мобилизираат „својот дел“ од гласачкото тело на етникумот на кој му припаѓаат, претставувајќи се себеси како „заштитници“ на неговите интереси. Како тоа ќе влијае врз ретките заеднички симболи и вредности во Македонија? Познатиот филозоф д-р Ферид Мухиќ истакнува: „Етничката фрагментација нужно подразбира етнички нагласена политичка кампања, бидејќи политичките лидери се објективно принудени да им дадат приоритет на очекувањата и интересите на етничките групи, кои ги застапуваат, што директно води кон фрагментација на општеството, наместо кон негова интеграција. Не можете да очекувате заеднички вредности и симболи во услови на политичка фрагментација базирана врз етнички специфичности. Интеграцијата на македонското општество е можна само под услов на целосно напуштање на политичкото организирање врз етнички принципи и негова замена со организирање втемелено врз концепти на граѓанското општество.“

Придружувајќи се кон стојалиштето на Мухиќ, Рубин Земон, професор по антропологија на мултикултурализмот од „Евро - Балкан универзитетот“ од Скопје, укажува: „Развојот на граѓанскиот идентитет во Македонија претставува приоритет број еден, според кој треба да се развива државата. Сите граѓани мора да имаат еднакви права и можности, секој има право да го негува својот етнички, културен, верски или јазичен идентитет и да бара од државата да гради политики за тоа. За етничката заедница на која и припаѓам - Балканските Египќани - никаде нема никаква информација за културните вредности. На Македонија и требаат интеграции, интеркултурен дијалог и толеранција во образовниот систем, во јавниот живот...“

Mazedonien multiethnische Schule in Kamenjane
Фотографија: DW/S. Toevski

Дојче Веле ги праша своите соговорници: во кои области на општественото живеење да се бараат и како да се градат заедничките вредности и симболи? Мирјана Малеска, експерт за политички науки и меѓуетнички односи од Школата за докторски студии на Државниот универзитет во Скопје, посочува: „Во едно мултиетничко општество јазикот, знамето, грбот и химната се и моќни кодови за тоа на кого му припаѓа државата. Политичките претставници на Албанците бараат тие да имаат посебни етнички симболи, а за симболите на државата да се договара. Политичките претставници на Македонците, барем оние кои се сега на власт, сметаат дека македонската држава е заслуга, пред се, на словенското мнозинство и дека грбот, знамето и химната мора тоа да го симболизираат. Се зависи од тоа дали гледаме на Македонија како на заедничка држава на сите граѓани, па ќе мора да водиме сметка за чувствата и мислењето на другите, или како на национална држава на Македонците, каде што живеат и други националности, кои уживаат определени лични и колективни права.“

Многу заеднички вредности

Али Пајазити, професор по социологија на мултикултурализмот од Штуловиот универзитет во Тетово, изнесува нешто слично што и Малеска: „Имаме наметнати државни симболи, со кои една третина од населението не се идентификува. За да се има вистинска кохезивност во вредностите народот вели дека треба да се генерираат сеопшти симболи, а не поединечни. Кој Албанец се идентификува со химната? Во Македонија има многу заеднички вредности, почнувајќи од секуларната архитектура, како мостовите, начинот на градба на куќите, пазарите, Старата Чаршија, па се до гастрономијата (тавче, сарма, бурек, ајвар), блискоста на ’Св Спас’ и ’Мустафа Пашината Џамија’, борачот Трстена, симит-погачата, македонското оро ’Тешкото’, кое се игра и на албански свадби...“

Арафат Шабани, професор по мултиетнички односи и комуникација на Штуловиот универзитет во Тетово, е категоричен дека „од политичарите не треба да се очекува градење на симболите на заедништвото“: „Заеднички симболи наоѓам во фолклорот, во конкретни личности во историјата и сегашноста, кои се залагале и се залагаат за заедништвото и хуманоста и развојот на нашето општество. Заради развивање на повеќе заеднички вредности и симболи треба да се ангажираат и експерти, кои врз научна основа ќе ги развиваат тие вредности, за да бидат верификувани и долготрајни - не да се ангажираат политичари, кои не знаат да ги култивираат заедничките вредности.“

Alter Basaar in Skopje
Фотографија: DW

Фатмир Сулејмани порачува дека книжевноста е сфера во која може да се гради подобрата иднина на двата најголеми етникума во Македонија, предупредувајќи: „Некои влијателни политичари и интелектуалци не ги зближуваат, туку ги оддалечуваат луѓето едни од други. Се додека не заздрави менталниот склоп на лидерите на оваа земја заедничките вредности ќе треба да ги бараме кај секој човек со добра волја, кој го смета ’другиот’ како себеси, особено кај секој политичар кој знае дека поминало времето за ’демократски ујдурми’, во кои некој му ги дава, или му ги ускратува правата на ’другиот’. Политичарите, партиите и интелектуалците, наместо да ги уништуваат вредностите на заедништвото и наместо јавно да сеат етничка омраза, мора поподробно да се запознаат со погледите на Гоце Делчев за светот како ’поле за културен натпревар меѓу народите“.

Академик Ѓурчинов заклучува: „Целиот свет се обединува, станува една целина, не може во мали енклави да се промислува за потребите на луѓето во 21.виот век. Наспроти тенденциите на глобализмот, во Македонија постојат обратни, ретроградни процеси: секој сака да се подели, мислејќи дека така ќе добие нешто. Напротив, така ќе изгуби. Може да се добие само со заеднички идеи, кои веќе надоаѓаат на хоризонтот. Треба да започне да се враќа довербата меѓу луѓето од различни етникуми, да се отвори нова страница во нивните животи.“