1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Наградена фотографијата од атентатот врз рускиот амбасадор

СН/ агенции
13 февруари 2017

Тоа е најдобрата новинарска фотографија на годината: го покажува моментот по нападот врз рускиот амбасадор во Анкара. За жирито за наградата на Ворлд Прес Фото тоа е „експлозивна фотографија“.

https://p.dw.com/p/2XUFO
World Press Photo Awards 2017 World Press Photo Awards 2017 - Burhan Ozbilici, The Associated Press - An Assassination in Turkey
Фотографија: Reuters/AP/World Press Photo Foundation/B. Ozbilici

Фотографот на американската агенција „Асошиејтед прес“ Бурхан Озбиличи победи на конкурсот за традиционалната награда на World Press Photo (Волрд Прес Фото) за најдобра новинарска фотографија со сликата со турскиот полицаец-атентатор по убиството на рускиот амбасадор во Анкара.

Неговата серија фотографии „Атентат во Турција“ е прогласена за најдобра во категоријата „Spot news - stories".

Фотографиите се снимени пред и по убиството на амбасадорот на Русија, Андреј Карлов, од  страна на полицаецот Мевлут Мерт Алтинташ кој не бил на должност за време на отворањето на изложба на фотографии на 19. декември.

На победничката фотографија, напаѓачот во костум и вратоврска стои со крената лева рака и испружен показалец, додека во десната рака насочена кон земјата држи пиштол. На подот веднаш зад него е телото на амбасадорот.

Озбиличи по врачувањето на наградата рече дека во тој момент во галеријата чувствувал одговорност за целата своја професија и оти новинарите од целиот свет му велеле: „Тие не претставуваш сите нас. Не оди. Остани. Ние те поддржуваме, се молиме за тебе“.

Тој рече дека наградата нема да го промени и додаде оти сега има поголема одговорност кон младите генерации на кои им е потребна поголема поддршка и храброст бидејќи „нивното истражувачко новинарство страда“.

„Затоа сакам со оваа фотографија да покажам дека во светот секогаш ќе биде потребно добро новинарство“, рече Озбиличи.

Над 5.000 фотографи од 125 земји на конкурсот испратија околу 80.400 фотографии. Награди во 8 категории добија 45 фотографи од 25 земји.

World Press Photo Awards 2017 World Press Photo Awards 2017 - Jonathan Bachman - Taking A Stand In Baton Rouge
Фотографија: Reuters/J. Bachman

Еден од добитниците на годинешната награда е американскиот фотограф Џонатан Бахмен за фотографијата „Taking a Stand in Baton Rouge", сликана за време на апсењето на една демонстрантка на еден од протестите „Black lives matter".

Меѓу темите на фотографиите доминираа војните во Ирак и Сирија, бегалската криза, смртта на кубанскиот лидер Фидел Кастро и Олимписките игри во Рио де Женеиро.