Награда на ДВ за известувачите од Белата Куќа
20 јуни 2017Претседателот на асоцијацијата на известувачите од Белата Куќа, Џеф Мејсон ја прими наградата на првиот ден од Глобалниот медија форум на ДВ кој по 10. пат се одржува во Бон, од име на новинарите кои од првите редови известуваат за работата на администрацијата на Трамп. Мејсон, кој е на чело на асоцијацијата од јули 2016 година, изјави дека е почестен од наградата и дека никогаш не очекувал оти тоа може да и се случи на неговото здружение.
„Доколку добивањето на наградата ќе фрли повеќе светлина врз слободата на печатот низ целиот свет, доколку изборот на Дојче Веле го апострофира фактот дека дури и во силни, етаблирани демократии, мора да се борите за правата на новинарите... тогаш во тој дух јас понизно и со голема благодарност ја примам оваа награда“, рече Мејсон.
Тој призна дека од изборот на Трамп за претседател на САД, предизвиците за новинарите „драматично се зголемиле“. Трамп во повеќе наврати ги обвинуваше новинарите дека произведуваат „лажни вести“, а некои медиуми ги нарече „непријатели на американскиот народ“.
Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург изјави дека наградата е замислена како „знак на солидарност и охрабрување за оние колеги кои ја имаат возбудливата задача да информираат за американскиот претседател и неговите политики“.
Наградата за слобода на говорот на ДВ се доделува од пред две години со цел да се промовираат иницијативи и поединци кои отскокнуваат во борбата за промоција на слободата на изразувањето и човековите права.