1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Србија и’ треба реален поглед на ЕУ

5 октомври 2011

Точно 11 години по демократските промени и неколку денови спроти конечниот одговор за кандидатурата за членство во ЕУ, евроскептицизмот во Србија никогаш не бил поголем од сега. Зошто паѓања довербата во ЕУ?

https://p.dw.com/p/12lqO
Во Србија расте евроскептицизмотФотографија: Marina Maksimovic

Постојат неколку причини за падот на поддршката на европските интеграции во Србија, истакнува за Дојче веле Никола Јовановиќ, уредник на периодичното издание „Предизвици на европските интеграции“ и програмски директор на Центарот за нова политика. Една од основните причини е забавувањето на напредокот на Србија во тој процес и нагласувањата, дека нема да добие датум за почеток на преговорите, вели Јовановиќ.

Belgrad Fußgängerzone
Граѓаните на Србија ги поистоветуваат политичките проблеми со европските интеграцииФотографија: picture-alliance/dpa

„Следната причина е што условувањата, што билатерални, што мултилатерални, се интензивираат, а тоа до некаде е и логично. Но, исто така е логично и што граѓаните тоа го перцепираат како неправедно или контрапродуктивно. Последна причина можат да бидат политичките проблеми, што граѓаните често ги поистоветуваат со европските интеграции, бидејќи тие агенди во последно време се поклопуваат, а тука секако мислам и на косовскиот проблем и на моменталната криза на северот од Косово“, објаснува Јовановиќ.

Големи очекувања од ЕУ

Ако се анализираат причините за опаѓањето на поддршката за влез во ЕУ, се покажува дека сега српското општество е многу пореално кога станува збор за тој процес, смета Маја Стојановиќ од Граѓанската иницијатива. Тоа според моето мислење е позитивно и добро, вели Стојановиќ.

 „Ние со години имаме некои големи очекувања од ЕУ, кои се темелат на подобар стандард, на некои работи кои се многу имагинарни и кои можеби и не се во корелација со реалноста и со она што ние навистина можеме да очекуваме од ЕУ. Од една страна тоа дури е и добро, за луѓето да размислуваат малку повеќе за тоа што е ЕУ, што ние мораме се да направиме за да бидеме дел од ЕУ и кои стандарди мораме овде да ги постигнеме за всушност да бидеме дел од ЕУ“, смета Маја Стојановиќ.

ЕУ оправдување за се’

Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild
Политичарите во Србија ги правдаат своите постапки со изговор дека тоа од нив го бара БриселФотографија: AP/Montage DW

Од друга страна, проблем се и домашните политичари, оценува Стојановиќ. Како што се приближуваат изборите, политичарите сето она што не е популарно или е помалку популарно го правдаат со ЕУ.

Наместо тоа, политичарите би требале да се занимаваат со објаснување зошто донесуваме некои прописи и закони, зошто мораме да имаме геј парада и зошто мораме да поддржиме некои европски вредности, вели Стојановиќ од Граѓанската иницијатива.

Откажувањето или практичната забрана на Парадата на гордоста исто така придонесе за оддалечување од Брисел, кој според зборовите на српските политичари инсистирал таа парада да се одржи. Никола Јовановиќ вели дека помеѓу Брисел и Белград генерално постои голем степен на недоверба. Поради тоа, некои изолирани инциденти или несогласувања често ги надминуваат пропорциите кои ги заслужуваат.

„Сметам дека клучната работа е што во Србија нема, а тоа треба постојано да се проверува, загрозување на кои било малцинства, вклучувајќи ги и сексуалните. Парадата на гордоста е одложена поради безбедносни причини и поради специфичната ситуација, за која Србија во овој момент и не е најодоворна“, вели Јовановиќ.

„Меѓутоа, токму таа недоверба веднаш повлекува автоматски претпоставки дека се загрозени нечии права, поради едно такво одложување. Така што мора во континуитет и сериозно да се работи на тоа да се воспостави трајно разбирање и доверба меѓу ЕУ и Србија“, додава тој.

Flash-Galerie KFOR Kosovo
Кризата на северот од Косово и проблемот со барањето за негово признавање влијаат на губењето на поддршката на членството во ЕУФотографија: dapd

Преговорите за Косово на повисоко ниво?

Косово впрочем веќе долго време е проблем на релација Србија – ЕУ, но тој дури сега избива на прв план, забележува Никола Јовановиќ. Постои и правен и политички начин проблемот да се надмине. Мислам дека би било добро Србија да добие некои сигурни знаци дека европската иднина и’ е загарантирана и да треба да се покренат преговори за Косово на некое повисоко ниво од овој технички дијалог, смета Јовановиќ.

Автор: Ивица Петровиќ / Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска