1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На сиромашните да им се даде повеќе

Бернд Муш-Боровска4 декември 2007

Невладините организации велат дека индустриските земји се најповикани да дејствуваат, но токму тука недостига ангажман. Што бара хуманитраната организација, Оксфам на светската конференција за климата на Бали?

https://p.dw.com/p/CWZx
Фотографија: AP
Богатите индустриски земји мора да стават на располагање повеќе пари, за сиромашните земји да можат да излезат на крај со последиците од промените на климата. Ова барање доаѓа од меѓународната хуманитарна организација, Оксфам, на маргините на светската конференција за климата на Бали. Досега ветената финансиска помош за земјите во развој е навреда, се вели во извештајот на Оксфам. Кејт Роворт, експерт за клима во организацијата Оксфам, вели: “Сиромашните земји се особено ранливи. Тие почесто страдаат од бури, поплави и суши, кои оставаат последици врз земјоделството и рибарството. Најпогодените земји се и меѓу најсиромашните во светот и немаат пари за да излезат накрај со проблемите. Индустриските земји со децении изпуштаат СО2 и со тоа и станаа богати. Морална обврска на богатите земји, која е дури пропишана и со конвенцијата за климата, е да им помагаат на сиромашните за тие да се снајдат во новата ситуација.“
На сиромашните им се дава помош колку што Американците годишно трошат за крем за сончање
Кејт Роворд вели дека парите што досега се ставени на располагање преку фондовите за развојна помош, ни оддалеку не се доволни. Прилагодувањето на земјите во развој на последиците од промените на климата, веројатно ќе чини до 50 милијарди долари годишно: “Само за најитното прилагодување на последиците од промените на климата, на земјите во развој им се потребни најмалку една до две милијарди долари. Богатите земји досега имаат ставено на располагање 67 милиони долари. Тоа е отприлика исто колку што луѓето во САД годишно трошат за крем за сончање. Како сите земји во развој да излезат на крај со толку малку пари за да се справат со последиците од промените на климата?“
Едно од барањата на хуманитарната организација Оксфам до делегатите на светската конференција за климата е да се основа нов фонд за помош на земјите во развој.