1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На мисијата во Авганистан нема да се штеди

9 јули 2010

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска во Бундестагот застана во одбрана на германскиот воен ангажман во Авганистан. Тој истакна дека Германија и натаму ќе издвојува еднакви средства за него.

https://p.dw.com/p/OEq5
Министерот Вестервеле на говорницата во германскиот парламентФотографија: picture alliance / dpa

И покрај планираните големи кратења на буџетските издатоци за Бундесверот, Германија нема да штеди на воениот ангажман во Авганистан, порача денеска во владината изјава во Бундестагот министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. „Германија ги одржува своите ветувања“, порача Вестервеле.

Тој е свесен дека ангажманот не ужива голема поддршка кај граѓаните, но истакна:

„Германскиот ангажман во Авганистан секако е непопуларен, но е непроменето неопходен за наш сопствен интерес. Нашите сограѓани во Авганистан ја извршуваат својата должност, за да можеме ние тука да живееме сигурно и затоа ние сакаме да им заблагодариме“.

Wahlplakat gegen Bundeswehreinsatz in Afghanistan
Се’ помала поддршка за ангажманот во АвганистанФотографија: picture-alliance/ dpa

Германскиот министер, притоа, мислеше на околу 4500 војници кои во моментов се стационирани во Авганистан.

Навестено постепено повлекување

Тој, од друга страна, истакна дека до крајот на легислативниот период во 2013 година треба да бидат создадени услови за постепено повлекување на Бундесверот од оваа земја. „Оваа цел ја следиме решително и упорно“, рече Вестервеле дополнувајќи дека веќе во наредната година НАТО ќе им ја предаде одговорноста за безбедноста во три до четири провинции на авганистанските безбедносни сили. Една од нив се наоѓа на северот од земјата, каде што е стациониран Бундесверот.

Министерот говореше во германскиот парламент неколку дена пред наредната Меѓународна конференција за Авганистан, која за првпат ќе се одржи во Кабул, на 20 јули.

Afghanistan Deutschland Bundewehrsoldaten in Kundus
Во Авганистан се стационирани 4500 германски војнициФотографија: AP

Целта е ситуацијата во Авганистан да биде доволно добра

Изборот на местото е доказ за „нова етапа“ во процесот на целосно предавање на надлежностите на авганистанските власти.

„Не е се’ добро во Авганистан. Кој верува дека на Хиндукуш би можеле да создадеме европски услови, се лаже. Наша цел е ситуацијата во Авганистан да биде доволно добра. Тоа значи Авганистанците да можат самите да се грижат за стабилноста на нивната земја, и да се зачуваат напредоците што ги постигнавме во областа на човековите права по падот на талибанците.“

Во обраќањето пред пратениците во Бундестагот, шефот на дипломатијата уште истакна дека Авганистан не може да се стабилизира само по воен пат, туку заедно со политичко решение. Меѓутоа, политичкиот процес мора да биде раководен од Авганистанците, нагласи Вестервеле додавајќи: „Само авганистанската влада може да склучи мир со оние со кои се бори.“

Автор: СН/ЖА/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска