1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На маргините на општеството

Виталие Калугареану/ Александра Трајковска8 ноември 2013

Уставот на Република Молдавија гарантира „посебна заштита за луѓето со посебни потреби“. Во практиката нивното секојдневие е под знакот на корупција кај властите и недостиг на општествена интеграција.

https://p.dw.com/p/1A9qJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Република Молдавија во моментов постојат 47 вонредни училишта и домови за лица со посебни потреби и 300 организации кои ги поддржуваат. Најголемиот дел од овие организации имаат финансиска помош од странски институции. Нивните раководители стравуваат дека долгорочно тоа не е добро решение. „Што ќе се случи ако некогаш за нас нема повеќе меѓународни проекти и програми за поддршка?“ се прашува Игор Мереакре, претседател на организацијата „Мотивација“. „Забележавме дека вакво искуство имаа организациите во Романија и во Полска. Кога веќе не беа доделувани средства за поддршка од ЕУ за одредена област, тогаш или беа субвенционирани од државата или затворани“. Алтернатива би можело да биде, лицата со посебни потреби да бидат вклучени во процесот на производство. „Со тоа веќе ги имаме првите позитивни искуства во областа на земјоделството - со одгледување на зајаци“, вели Игор Мереакре.

Скандал без потешки последици

Минатата година еден скандал го сврте вниманието кон проблемите, кои можат да се појават во домовите за лица со попреченост. Еден градежен работник, кој учествуваше во реновирањето на еден дом во молдавскиот град Орхеј, со својот мобилен телефон снимаше разговор на деца, кои се жалат на тешки малтретирања. Тие раскажуваа дека биле брутално тепани - со клоци и со удари со голема лопата.

Лујза Артиоменко, која работи во домот како логопед, потврдува дека во институцијата има вработени лица, кои ги малтретирале со тепање првенствено постарите деца. Освен тоа децата биле принудувани да работат, а ги хранеле со отпадоци. „Децата се брутално третирани“, вели таа. „Соработнички на институцијата освен тоа ми раскажаа дека неодамна во супата на децата пронашле црви. Децата воопшто не се свесни дека е тоа црв и го јадат“.

Screenshot Bericht über Skandal im Kinderheim in Orhei Republik Moldau
Молдавскиот интернет портал publika.md објави видео снимка која ги документира состојбите во ОрхејФотографија: publika.md

Во 2012. година една молдавска телевизија со скриена камера снимаше репортажа за овој дом во Орхеј - со шокирачки резултати: се гледа како децата ги затвораат во тоалет и таму долго мора да издржат без храна и вода. Директорката на домот ги отфрли сите обвинувања. Освен жестоката јавна дискусија во медиумите, скандалот немаше некои потешки консеквениции за соработниците на интернатот, кој сѐ уште постои. Инцидентите во Орхеј тешко го нарушија угледот на домовите за лица со попреченост во Република Молдавија.

Корупција и амбициозни планови на властте

Во поранешната советска Република Молдавија, мала земја со помалку од четири милиони жители, има околу 8.000 луѓе со посебни потреби, на кои постојано им е потребна нега. Дури од 2013. година, лица со попреченост, кои не живеат во дом, имаат право на помошник кој ги придружува во секојдневието, финансиран од страна на државата. Меѓутоа владата до сега сѐ уште нема ставено на располагање пари за таа намена, а проблемот со платата им го префрли на локалните власти. Освен тоа, месечната плата на помагачите е утврдена на околу 36 евра - пари со кои во молдавскиот главен град Кишинев може да се купат едвај четири килограми месо.

Ein Mann mit Behinderung bettelt in Chisinau
Жител на еден дом за лица со посебни потреби на улиците на КишиневФотографија: Constantin Grigoriţă

За некој да може да добие официјална потврда за својата попреченост, честопати се плаќа поткуп. Податоци од Националниот антикорупциски центар на Република Молдавија докажуваат дека висината на поткупот изнесува меѓу 125 и 315 евра - во зависност од степенот на попреченоста. Корупцијата во оваа област оди толку далеку, што понекогаш сосем здрави луѓе можат да добијат потврда за најтешка форма на попреченост, за да профитираат од соодветните државни поволности за таква категорија лица: право на бесплатна медицинска грижа и, независно од возраста, месечна инвалидска пензија.

Бидејќи имаше многу случаи на корупција во врска со трите различни степени на попреченост, владата во Кишинев неодамна го укина тоа градирање. Засегнатите сега треба да бидат испитани од комисија, која треба да им понуди индивидуални програми за општествена инклузија и рехабилитација. За таа цел оваа година беше формиран „Национален совет за признавање на попреченост“. „Со оваа нова структура ќе се грижиме за деца и возрасни со посебни потреби и ќе вработиме нов медицински персонал, педагози и социјални работници“, најави министерката за труд Валентина Булига. „За секое лице со попреченост треба да биде составен индивидуален здравствен план“.

Valentina Buliga, Ministerin für Arbeit, Familie und Soziales - Chisinau, Republik Moldau
Министерката за труд Валентина БулигаФотографија: Constantin Grigoriţă

Недоволна општествена интеграција

Образованието е голем проблем за хендикепираните лица во Република Молдавија. Од околу 16.000 деца со посебни потреби во поранешната советска република, според студија на УНИЦЕФ, речиси 6.000 не посетуваат никаква училишна институција. Студијата покажува и дека 41 процент од родителите и 50 проценти од наставниците нема да прифатат деца со посебни потреби да посетуваат регуларни училишта. Од децата со попреченост кои беа анкетирани за студијата, само два процента наведоа дека воопшто имаат пријатели со кои редовно комуницираат. Без соодветно школско образование многумина од нив подоцна немаат шанси за стручно оспособување, работно место и учество во општествениот живот.