1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска сила како предводник

Миодраг Шориќ Превод:СН25 ноември 2015

Соборувањето на рускиот борбен авион од страна на Турција ги торпедира обидите на претседателот Оланд да состави коалиција против ИД. На Франција за такво нешто ѝ недостасува и политичка тежина, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1HC8Z
Фотографија: picture alliance/AA/S. Corum

Сега уште и тоа: турската воена авијација собори руски борбен авион. Како состојбата во пограничниот регион кон Сирија да не е доволно коплицирана. Официјално, НАТО застана на страната на својот сојузник Турција. Не само во Брисел, туку и претседателите на Франција и на САД на нивната средба во Вашингтон потенцираа: Анкара има право да го брани сопствениот воздушен простор.

Соборувањето на авионот непотребно ја заострува состојбата

Неофицијално, меѓутоа, Турција со сигурност ќе мора да слуша и критики. Токму сега, кога претседателот Франсоа Оланд се упатува кон Москва за да го одврати шефот на Кремљ од неговата поддршка за сирискиот властодржец Башар ал-Асад, ситуацијата се заострува. Без потреба.

Русија си го сноси својот дел од вината. Дејствува во Сирија како што сака и не ги договара со Западот своите воени ангажмани. Тоа е ризично. И, овојпат, го чинеше живот еден руски пилот. Инцидентот конечно не би требало да има далекусежни последици, барем ако Турција дополнително не долее масло во огнот и ако рускиот претседател го заузда својот гнев. Од ескалација на крајот профитира само таканаречената „Исламска држава“.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Француската водечка улога нема да биде доволна

Но мисијата на Оланд во Москва, поради овој инцидент, нема да биде поедноставна. Неговиот обид да организира нешто како голема коалиција против терористите - со вклучување на Русија и на Иран - заслужува пофалби. Сепак, на крајот, само францускатводечка улога нема воопшто да биде доволна. Франција нема политичка тежина на суперсила. А Европејците - како и секогаш - се нерешителни, разединети, не сакаат да издвојат пари за одбрана.

САД се единствената водечка сила која е доволно моќна да состави коалиција против исламистите од камено време. Вашингтон може - токму сега - да ја дисциплинира Анкара, може на Москва да ѝ даде јавно признание за кое чезнее, може да изврши притисок врз Саудиска Арабија и врз Обединетите Арапски Емирати, барем во еден преоден период да седнат на заедничка маса со претставник на режимот на Асад. Сите мора да бидат вклучени во изнаоѓањето политичко решение за Сирија.

САД мора да предводат

Конечно САД би морало да исчекорат напред со добар пример. Тие би морало да сакаат да водат. Постои ли ваква волја во Вашингтон? Во изминатите години за тоа можеше да се насети колебање. Меѓународните кризи, како онаа во Сирија, меѓутоа не се решаваат сами од себе.