1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Караџиќ сепак ќе му се суди за геноцид во повеќе општини

АТ/ бета/ макфакс11 јули 2013

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал врати во сила дел од обвинението против Радован Караџиќ кое го товари за геноцид направен во повеќе општини во БиХ во 1992. Тие беа поништени минатата година.

https://p.dw.com/p/196RA
Фотографија: AP

Апелациониот совет на Хашкиот трибунал денеска (11.07) ја поништи првостепената пресуда со која порашниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ беше ослободен од обвинението за геноцид над Муслиманите и Хрватите во повеќе босански општини.

Усвојувајќи ја жалбата на обвинителството, Апелациониот совет на Хашкиот трибунал врати во сила дел од обвинението кое Радован Караџиќ го товари за геноцид направен во 1992 година во Братунац, Фоча, Кључ, Приједор, Сански Мост, Власеница и Зворник.

Апелациониот совет, на чело со американскиот судија Теодор Мерон, кој е и претседател на Трибуналот, пресуди дека првостепениот совет погрешил.

Во врска со злосторствата кои според извесни докази ги сториле српските сили, вклучувајќи и прогонување и истребување, првостепениот совет во јуни 2012 година утврди дека нема доволно докази дека тие злосторства не биле сторени со „геноцидна намера“. Судијата Мерон соопштувајќи ја пресудата, назначи дека во оваа фаза на постапката, постоеле доволно докази дека злосторствата во босанските општини биле сторени со намера Муслиманите и Хрватите да се уништат како етничка група, целосно или делумно.

Како пример Жалбениот совет наведе дека во логорот Кератерм кај Приједор српските сили држеле 570 притвореници во една соба. Судијата Мерон нагласи дека бројни докази потврдувале дека српските сили во босанските општини незаконски притворале несрби, под нечовечки услови, ги тепале, извршувале сексуално насилство, им скратувале храна и медицинска грижа, со цел да бидат уништени како национална група.

Останатите десет точки од обвинението го товарат Караџиќ за геноцид во Сребреница, за прогон на Муслиманите и Хрватите ширум Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивили во Сараево со кампањата со артилериски и снајперски напади и земање на заложници на припадниците на мировните сили на ОН, во периодот од 1992 до 1995 година.