1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На изборите во Албанија за прв пат и партија на етничките Македонци

28 јуни 2009

Со 76 кандидати партијата на етничките Македонци во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, денеска се натреварува на парламентарните избори за едно од 140-те места во албанскиот законодавен дом.

https://p.dw.com/p/IchS
Правата на малцинствата важен темел на добрите односи: претседателите на Македонија и Албанија, Иванов (лево) и ТопиФотографија: Petr Stojanovski

Македонската партија на гласачкото ливче е под број пет, појаснува партискиот лидер Едмонд Темелко: „За првпат Македонците во сите краишта пред себе ќе имаат гласачко ливче, на кое стои симболот на партијата - шеснаесет кратното сонце, жолто на црвена основа и името на партијата.“ Иако е дел од широката коалиција „Алијанса за промени“, предводена од демократите на Сали Бериша, гласовите се даваат директно за партиските листи.

Далекусежно влијание

Учеството на изборите има и друго, посебно значење: „За првпат ќе докажеме дека постоиме на цела територија на Република Албанија, бидејќи државата признава македонско малцинство само во областа Мала Преспа и тоа еден мал број од околу 3600 Македонци. Со овие избори ние ќе докажеме дека Македонците постојат и во Гора, во Голо Брдо, во Тирана, во Елбасан, во Драч, во Кукс, во Елбасан, Подградец, во Билишта, во Корча“, изјави Темелко.

Prespa See in Mazedonien
Од другата страна на Преспанското езеро: каде уште има македонско малцинство во Албанија?Фотографија: Petar Stojanovski

Тој на државната албанската телевизија, како партиски лидер, имаше на двапати по пет минутно претставување и тоа на македонски јазик, кога упати апел до Македонците масовно да излезат, да не потклекнуваат на провокации и заплашувања и да го дадат својот глас за кандидатите на нивната партија. Тоа им го порача и на петочниот завршен митинг одржан во Пустец.

Оптимистичко расположение

Имајќи ја во предвид историската победа на локалните избори, кога за првпат Пустец доби градоначалник, кандидат од македонската партија, Македонците се убедени дека ќе освојат најмалку едно пратеничко место во изборната единица Корча, каде припаѓа и Мала Преспа, но можен е успех и во Голо Брдо и во Тирана. За да го остварат своето право на глас, од Грција и од Италија, каде се на работа, деновиве во родните места ширум Албанија пристигнаа десетина илјади Македонци.

Albanien Parlamentswahlen Juni 2009
И партијата на етничките Македонци во коалицијата на Бериша: штанд на Демократската партијаФотографија: DW/ Ballvora

МАЕИ беше регистрирана во судот во Тирана на почетокот на јуни 2005 година, но не го запази рокот за пријавување за учество на тогашните јулски парламентарни избори. Првпат, како политички субјект се појави на локалните избори пред две години, а денес за првпат учествува на парламентарни.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Горан Чутаноски