1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Грција црно и’ се пишува

2 ноември 2011

Одлуката на Папандреу за свикување референдум за пакетот помош за неговата земја ги разбранува духовите во Берлин. Реакциите се движат од разбирање до гнев.

https://p.dw.com/p/133ko
Министерот за надворешни работи Гидо ВестервелеФотографија: dapd

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска порача дека веќе договорените мерки од пакетот за спас на Грција не може повторно да бидат тема на разговор. Мерките се договорени по напорни преговори и нема повторно да се разгледуваат, нагласи Вестервеле на маргините на меѓународната конференција за иднината на Авганистан, што се одржува во Истанбул. Преку заклучоците од кризниот самит во Брисел ЕУ ја покажа својата солидарност со Грција. Сега Грција треба да го даде својот придонес за надминување на проблемот и да ги спроведе предвидените реформи, категоричен е шефот на германската дипломатија.

Министерот за финансии Волфганг Шојбле пак го смири тонот и порача дека не смета оти Грција ќе менува нешто на договорениот пакет мерки. „Сметам дека Грција ќе ги почитува и ќе ги исполни дадените ветувања и обврски“, изјави Шојбле за весникот „Фајненшел тајмс Дојчланд“. Што се однесува до најавениот референдум во Грција, тој порача дека верува во силата на аргументите. Новиот пакет за помош е најдобрата гаранција дека Грција во догледно време може да заздрави на финансиски план, оцени Шојбле.

Deutschland Bundesregierung senkt BIP-Prognose für 2012 Philipp Rösler und Wolfgang Schäuble
Министерот за финансии, Волфганг Шојбле со министерот за економија Филип РеслерФотографија: dapd

Бура критики од владеачките партии

Од редовите на владеачките партии во Германија дојде море критики на најавата од Атина. Гунтер Кирхбаум од владеачката ЦДУ, кој е претседател на Одборот за европски прашања на германскиот парламент, е огорчен поради недоговореното истрчување на грчкиот премиер. Тој оцени дека таквиот чекор е тежок удар за обидите за спасување на еврото. Како посебно тешка грешка, тој го оценува фактот што Папандреу не спомнал ништо за таквите намери на кризниот самит на ЕУ мината недела. Папандреу, според Кирхбаум, сака да го намали внатрешно-политичкиот притисок врз неговата влада поради мерките за штедење, но не е свесен за тоа колку ќе го зголеми општиот притисок врз неговата земја. Освен тоа Кирхбаум смета дека финансиските пазари нема да и’ остават на Грција толку време и да ја чекаат да го одржи референдумот на почетокот на идната година.

Bundestag Finanzplan FDP Rainer Brüderle
Шефот на парламентарната група на Либералите, Рајнер БридерлеФотографија: picture-alliance/dpa

Уште поостра е реакцијата на претседателот на собраниската група на помалиот коалиционен партнер во германската влада, Партијата на либералите, Рајнер Бридерле. Тој веднаш остро ја осуди најавата на Папандреу и порача дека доколку грчкиот народ се изјасни против договорените мерки за спас, тогаш на Грција не и’ бега државниот банкрот. А со грчкиот банкрот ќе дојде до силно поместување на фокусот во Европа и секоја земја ќе гледа како да се справи со последиците од новата ситуација и нема да се грижи повеќе за Грција. Грците тогаш ќе треба сами да најдат начин да се спасат од трагедијата и ќе бидат соочени со избор дали воопшто уште ќе останат во евро-зоната или не.

Релативно разбирање од опозицијата

Германската опозиција одреагира со нешто повеќе разбирање за чекорот на грчкиот премиер. Така шефот на собраниската група на Социјалдемократската партија Франк Влатер Штајнмајер оцени дека станува збор за „рискантен, но храбар потег“ и изрази дури и разбирање за Папандреу. Претседателот на СПД, Зигмар Габриел потсети дека владата на ПАСОК храбро истуркала крупни и болни реформски зафати во земјата, за што заслужува голема почит.

Bundestag Frank Walter Steinmeier SPD
Лидерот на парламентарната група на опозициските социјалдемократи Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: picture alliance/dpa

Лидерот на собраниската група на опозициските Зелени Јирген Тритин исто се изјасни против избрзана осуда на најавата за референдум. Тоа е навистина ризичен политички потег кој оди на се’ или ништо, но грчката опозиција не сака да се вклучи во реформските напори и во расчистувањето на катастрофата што таа ја предизвикала. Од таа гледна точка може да се има разбирање за најавата за референдум, кој би требало токму да ја разбие ваквата блокада во грчката внатрешна политика, нагласи Тритин.

Автор: Рихард Фукс / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски