1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Блискиот Исток повторно врие

21 август 2011

Палестинските милитанти денеска (21.08.2011) повторно испукаа проектили од Појасот Газа кон територијата на Израел. Вчера пак повеќе од 50 ракети го погодија израелскиот град Бершеба при што загина еден Израелец.

https://p.dw.com/p/12Knw
Граѓани во јужен Израел ги набљудуваат штетите предизвикани од ракетните напади од ГазаФотографија: dapd

Палестинските милитанти повторно со Касам ракети го гаѓаа јужен Израел. Повеќе проектили притоа завршиле во градот Ашкалон, соопшти израелската армија. Вчера пак во градот Бершеба при експлозија на една од 50-те ракети испукани од Појасот Газа загина еден Израелец, а 15 други беа повредени.

Одговорноста за нападот ја презеде вооруженото крило на палестинската радикална организација Комитет за народен отпор. Според Израел оваа група е одговорна и за нападот врз израелски возила и автобуси во четвртокот во близина на одморалиштето на Црвеното Море Еилат кој предизвика нова спирала на насилство во регионот.

Raketenangriff auf Israel
Слика од уништувањата од ракетните напади врз БершебаФотографија: dapd

Блискоистичниот квартет предупредува од ескалација

Израел на него одговори со одмазднички воздушни напади во Појасот Газа, а милитантните Палестинци со ракетни напади врз јужен Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во текот на ноќта за актуелната ситуација се советуваше со највисоки претставници на армијата, а покрај тоа Израел се закани со копнена офанзива во Појасот Газа. Израелски војници уапсиле и 120 членови на радикалното палестинско движење Хамас во јужниот дел на Западниот брег.

Т.н Блискоисточен мировен квартет пак предупреди од ескалација на насилството во регионот и ги повика двете страни на воздржаност. Оваа меѓународната посредничка група сочинета од претставници на ОН, ЕУ, САД и Русија ги осуди четврточните напади во Израел и говореше за тероризам со предумисла.

Каиро: Извинувањата од Израел се недоволни

Ägypten Israel Kairo Proteste
Анти-израелски протести во КаироФотографија: picture alliance/dpa

Од друга страна во Египет пак продолжуваат демонстрациите поради убиството на пет припадници на безбедносните сили од страна на израелските војници за време на потерата по атентатори од Еилат, кои пребегале преку границата кон Египет.

Овој пограничен инцидент предизвика сериозни тензии во односите меѓу двете соседни земји. Египетската влада најнапред донесе одлука да го повлече својот амбасадор од Израел, а потоа ги отфрли како недоволни изразените жалења од Израел за убиените петмина египетски погранични полицајци во четвртокот.
„Израелската позиција беше само површински позитивна, но не беше пропорционална со сериозноста на она што се случи и на гневот на египетскиот народ во однос на израелските активности“, се вели во соопштението на египетската влада.

Автор: СН/ АТ/ дв/ ртр/ дпа/ миа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема