1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал Садр води на парламентарните избори во Ирак

ЕМФ / дв
14 мај 2018

Доколку тенденцијата се потврди, на милитантниот противник на САД во Ирак, Муктада ал-Садр, ќе му успее изненадувачки камбек. Посакуваниот кандидат на Западот, премиерот Абади, е соочен со пораз.

https://p.dw.com/p/2xf3W
Parlamentswahlen im Irak Muktada al-Sadr
Приврзаниците на Муктада ал-Садр веќе слават Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/H. Mizban

По пребројани повеќе од половина од гласовите на парламентарните избори во Ирак, во водство е влијателниот шиитски проповедник Муктада ал-Садр. Алијансата на шиитскиот духовен лидер со ирачките комунисти има освоено најголем број гласови во шест од вкупно 18 провинции, меѓу кои и главниот град Багдад, а во четири провинции е на втора позиција.

Во четири провинции, како што соопшти Изборната комисија, води лидерот на најважната шиитска милиција во земјата, Хади ал-Амир, кој негува блиски релации со Иран. Во осум други провинции листата, која е составена од екс-борци на џихадистичката милиција „Исламска држава“, е втора по јачина политичка сила.

Parlamentswahlen im Irak Haider al-Abadi
Хајдер ал-Абади е посакуваниот кандидат на ЗападотФотографија: picture-alliance/dpa/AP

Посакуваниот кандидат на Западот, шиитскиот премиер Хајдер ал-Абади е на трета позиција. Неговата „Победничка алијанса“ најверојатно победи само во една провинција. Од кругови на Изборната комисија и безбедносните власти прво се информираше дека Абади води на првите избори по победата над Исламска држава. Поранешниот шиитски премиер Нури ал-Малики, кој важеше за најголем ривал на Абади, е поразен.

Официјалните резултати од изборите се очекуваат денеска. Независната изборна комисија сѐ уште не се изјаснила околу поделбата на пратеничките места. Во парламентот има 329 пратенички места. Одзивот на изборите е 44,5%, односно значително помал отколку на претходните избори. Победникот на изборите мора да состави влада во рок од 90 дена.

Со оглед на тоа што сѐ уште се пребројуваат гласовите од осум провинции, резултатот би можел да се промени. Сепак, приврзаниците на Садр веќе слават на улиците.

Irak | Wahlen
Одзивот на гласачите беше помал во споредба со претходните избориФотографија: picture-alliance/AP/N. al-Jurani

Доколку тенденцијата се потврди, ова би бил изненадувачки камбек на Садр. Тој од 2003 до 2011 година предводеше бунт против американските трупи во земјата. Приврзаници на Садр се пред сѐ младите Ирачани, сиромашните и луѓето без надеж. Тој е на дистанца од раководството во Техеран и скова алијанса со комунистите и другите западни приврзаници кои му дадоа поддршка при протестите против владата во 2016 година. Садр тогаш од Багдад бараше конечно да преземе нешто против големата корупција во земјата. Неговата популарност се должи многу и на татко му, угледниот голем ајатолах Садек ал-Садр, кој во 1999 година беше убиен поради неговиот отпор против Садам Хусеин.

Повеќе: 

Шпион кој го вовлече светот во војна во Ирак

Ирачката војна и лагата за нејзино оправдување

Кој и да победи на изборите во Ирак, ќе мора да се соочи со последиците од повлекувањето на САД од атомскиот договор со Иран. Тоа веројатно ќе го дестабилизира натамошно и онака фрагилниот регион, во кој Иран настапува како сила заштитничка на шиитите, а Саудиска Арабија како заштитник на сунитите. Важна задача на новиот премиер ќе биде и да обезбеди соодветно учество во власта на сунитите, шиитите и Курдите и да ја сочува целовитоста на земјата. Мнозинството Ирачани се шиитски муслимани, но во земјата во времето на Садам Хусеин со децении владееја сунитите, кои постапуваат брутално против шиитите и Курдите.