МПЦ: црковната дипломатија во акција
1 јули 2009Нема отстапки за автокефалноста и името, МПЦ ќе покаже флексибилност во однос на методите преку кои треба да се дојде до компромис, обаснуваат за „Дојче веле“ извори од црвковниот врв. МПЦ најверојатно ќе изрази подготвеност сослужувањето да биде рамката во која ќе се бара решението на долгогодишниот спор. МПЦ е согласна по црковен пат да се бара решение на политичкиот проблем, во литургиска комуникација, која ќе ги исклучи историските контексти кои ја обременуваат шансата за компромис.
Разговори со Руската црква
Патот на МПЦ до рамноправност во православието води преку црковен Белград. Тоа им е јасно на македонските владици кои исто така се свесни дека проблемот не е црковен, туку политички.
Црковната дипломатија деновиве е во акција. Во истовреме додека се утврдуваат преговарачките позиции, македонска црковна делегација беше во Москва по поддршка од Руската црква. Владиците Тимотеј и Петар во седиштето на најголмата православна црква разговарале со митрополитот Иларион Алфеев, претседател на одделот на Руската црква за надворешни работи.
Во МПЦ засега не откриваат детали од платформата и од посетата на Москва. Се очекува комуникацијата со СПЦ да се воспостави околу Петровден, голем христијански празник на 12 јули.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Жана Ацеска