1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојата ветена земја - Македонија

4 март 2010

Мајкл Серафинов, научник, публицист и писател – редок случај на асимилиран Американец, кој се македонизирал, враќајќи им се на корените на своите претци. Тој веќе 30 години неуморно дејствува како лобист за Македонија.

https://p.dw.com/p/MBq0
Фотографија: DW

„Македонија, таа сиромашна, хаотична, но, секогаш убава земја на дедо ми, претставува за мене еден вид напојување и мојата восхит кон неа е нешто што трае и што ми е секогаш вистинско, дури иако таа е само повремено мојата балканска ветена земја“, напиша вдахновено Мајкл Серафинов, антрополог и македонист, роден пред 64 години во Детроит, во Соединетите Американски Држави, како второ поколение на неговиот дедо, кој емигрирал од тетовското село Непроштено во 1911 година преку океанот.

Родителите на Мајкл се родени Американци. По таткова линија тој има македонско и романско потекло. По мајчина линија потекнува од првите англиски доселеници во Нова Англија, како и од швајцарско– германски доселеници со мало потекло од едно американско индијанско племе. Татко му и неговите чичковци и тетки дома го зборувале романскиот јазик – јазикот на нивната мајка, односно, на бабата на Мајкл.

Во семејната „јазична и етничка мешаница“ – најсилен „македонскиот ген“

Mazedonien Sprachwissenschaftler Michael Seraphinoff
Мајкл СерафиновФотографија: Michael Seraphinoff

Во ваквата јазична и етничка мешаница Македонија допрела најсилно до свеста и душата на Серафинов. Доживотно оддаден кон јазикот и татковината на деда му Младен, тој докторираше пред 17 години на катедрата за славистика на Универзитетот „Вашингтон“ во градот Сиетл на тема „Македонската преродба во 19-тиот век - животот и делата на македонскиот просветител и народен учител од Тетовско Кирил Пејчиновиќ“.

Комисијата за рецензирање на докторската дисертација на Мајкл Серафинов од Катедрата за славјански јазици и литератури на универзитетот „Вашингтон“ напиша во својот извештај во 1993 година: „Оваа студија е придонес кон разбирањето на македонското наследство и на фактот дека јазичниот идентитет на Македонците и нивното создавање различна културална реалност во центарот на Балканскиот полуостров не се само историски прашања, како што укажуваат писателите, туку дека се тоа теми, кои што одекнуваат се уште и денес низ просторот ...“

Дојче веле го праша Серафинов: кој е мотивот за неговиот македонистички ангажман во Америка и во целокупниот англофонски простор во светот? Тој одговара: „Главниот мотив за мојот македонистички ангажман во Америка е промовирањето и афирмацијата на убавините на македонската култура: јазикот, музиката, ората, песните, литературата и друго. Мојата ’лајф стори’ е показ дека и оној Македонец, кој ќе се претвори во ’типичен’ асимилиран Американец, може да се врати онаму каде што му се корените, дека може да си го најде патот кон својот загубен дедовски крај.“

На наредната страница прочитајте за тридецениската научна работа на Серафинов како лобист за македонскиот јазик и култура

Будењето на македонската национална свест доближено кон големата читателска публика во САД и светот

Професорката по македонски јазик од Тетово Ружа Ѓорѓевска, која заедно со својот сопруг Дракче одржува блиски контакти со Серафинов, дополнува: „Неговиот научен труд има огромно значење бидејќи на една голема читателска публика во САД, во англискиот јазичен простор, но преку библиотеките и во целиот свет, им го доближи будењето на македонската национална свест и постоењето на македонскиот народ.

Mazedonien Sprachwissenschaftler Michael Seraphinoff
Мајкл СерафиновФотографија: Michael Seraphinoff

Во своето предавање во Македонската академија на науките и уметностите во 2007 година професорката Љубица Тодорова – Јанешлиева имаше изнесено: „Серафинов констатирал оти Кирил Пејчиновиќ пишувал на ’родниот говор на северозападна Македонија, кој е изразито македонски, а не бугарски говор’.

Тодорова – Јанешлиева, која е денес во пензија, во врска со активностите на овој „помакедончен“ Американец дополнува за ДВ: „ Во неговиот докторат е најзначајно тоа што тие текстови на Кирил Пејчиновиќ, кои се на народен полошки говор од почетокот на 19 - тиот век, се преведени и објавени на англиски јазик. Потоа, тој има и некои научно – стручни написи, преведувачка и публицистичка дејност, како и книжевно творештво.“

Серафинов денес живее на крајниот северозапад на САД, на островот Витби, недалеку од градот Ванкувер, во Канада. Во телефонската изјава за ДВ тој конкретизира: -„Пензиониран сум, ама уште понекогаш имам работа со студенти – постдипломци по славистика, кои студираат македонски јазик на универзитетот ’Вашингтон’ во градот Сиетл. Исто така, имам академска одговорност за една програма за македонска литература. Почнувајќи од 1997 година сум истражувач за образовната организација ’Интернешенел Бакалауреате организејшејн’ од Велс, Велика Британија. Главно, работам со преводи од македонската литература на англиски јазик. Мојот најнов превод е од Марко Цепенко – народниот расказ ’Силјан Штркот’. Во ноември лани настапив на Седмата Северноамериканска - македонистичка конференција на Универзитетот во Солт Лејк Сити, каде што учествуваа 40 – тина слависти и македонисти од САД и Канада.“

Македонскиот јазик – неоспорен во светот наспроти грчките негирања

Како лобист веќе три децении за македонистиката и македонската култура, Серафинов нагласува македонскиот јазик не наидува на никакви негирања во светот на науката, наспроти сите грчки обиди тој да се прикаже како непостоен, заедно со народот кој го говори – Македонците: „На овдешните универзитети, во Америка, ние не го губиме статусот на македонскиот јазик и култура меѓу другите јазици и култури. Научниците немаат проблем со нашиот јазик, тие не го оспоруваат никогаш. На универзитетот ’Вашингтон’ никогаш, ниту еднаш не сум чул дека постои спор во врска со постоењето на македонскиот јазик. Исто така, и од моите колеги – научници во Англија никој не ме прашал на кој јазик тоа јас зборувам, никој не ми рекол дека мојот јазик не постои!“

Mazedonien Sprachwissenschaftler Michael Seraphinoff
Мајкл СерафиновФотографија: Michael Seraphinoff

Серафинов заклучува: „Проблемот е секогаш во сферата на политиката: овде, во Вашингтон, има повеќе конгресмени и сенатори од грчко потекло и преку нив Грција лобира многу силно против постоењето на македонскиот јазик. Свои лобисти Македонија се’ уште нема.“

Според овој вљубеник во Македонија, „интернетот и сајбер – револуцијата отвораат нови можности и перспективи за македонскиот јазик и македонската култура, бидејќи Македонците, без оглед каде се наоѓаат во светот, сега можат да комуницираат меѓу себе, да се договараат и да дејствуваат“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска