1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Како се соочив со минатото

Кармен-Франческа Банчиу
28 април 2018

Соочувањето со сопствената историја боли. Но, Германците се соочија со неа, ја признаа својата вина и се искупуваа, смета романската писателка Кармен-Франческа Банчиу.

https://p.dw.com/p/2wnKr
Carmen-Francesca Banciu, Autorin
Фотографија: Marijuana Gheorghiu

Оваа пролет, кога беше објавен завршниот роман од мојата трилогија, ми стана јасно дека тоа беше мој начин, на уметнички начин, да се соочам со своето минато. Соочувањето со минатото е нешто за што знам дури откога сум во Германија. Не ми е позната ниедна друга земја која на толку критички и самокритички начин, така прецизно и беспоштедно, се погледнала во огледало и болно се соочува со своето минато. 

Германското минато и неговото надминување се теми со кои се занимавав уште на почетокот на мојот престој во Берлин. Тогаш импресијата од падот на Берлинскиот ѕид беше огромна. Германија само што се обедини. Диктатурите од Исток паднаа. Низ Европа дуваше ветерот на слободата и на момент се чинеше како историјата допрва да почнува - со една нова Сојузна Република Германија. Берлин ми изгледаше како место на кое историјата може повторно да биде напишана. Така го видов минатото на земјата во која дојдов. Посебно она не толку далечно минато. И сакав да го разберам.

Германците и прашањето на соочување со минатото

Во училиштата во Романија учевме општи работи за историјата на Сојузна Република Германија, но фокусот не беше на нацистичкото минато , туку на, од перспектива на партиската идеологија, непријателскиот политички систем на Запад. Учевме за класниот непријател СРГ и за антиподот, братската држава Германска Демократска Република. Холокаустот во наставата не беше заобиколуван, но беше обработуван главно површно.

Во Берлин во почетокот на 90-те години соочувањето со минатото беше многу актуелно. Кога Ирак го нападна Израел со Скуд-ракети за време на војната во Персискиот Залив, во јавноста за тоа се дебатираше со зовриени емоции. На улица, во печатот, во културните институции, беа водени жолчни полемики. Првенствено за неопходноста и исправноста од преземањето вина врз себе и спремноста и таа да се искупува, за воздржаноста на Германија кога е во прашање учеството во војни и ставот на пацифистичкото движење во поглед на нападот врз Израел. За одговорноста на Германија кон Израел.

На една средба со израелски писатели во присуство на Гинтер Грас, дојде до ескалација не само меѓу дискутантите на бината. Писателот Јорам Канијукс ја обвини Германија за неспремност за искупување и за желба за пребрзо враќање во нормалност, а младата публика почна гласно да одбива да ја преземе одговорноста за делата на своите баби и дедовци. Од тоа произлегоа дискусии не само таа вечер, туку во општеството и во медиумите - за општата одговорност на државата за правда и светски мир.

Bildergalerie Mauerfall
Чекпоинт Чарли - симбол на германската поделбаФотографија: picture-alliance/dpa

Виновникот во соседниот двор

Станав свесна колку силно и темелно беше соочувањето со минатото во Германија и колку тоа примерно се спроведува и денес, колку силно го преокупира општеството и колкава е важноста на тоа. Било да се работи за јавноста, училиштата, работното место, политиката или приватни работи. Последица на тоа соочување и критичко самопосматрање е што германското општество стана едно од најотворените и најмодерните. И не е случајно тоа што младите луѓе од цел свет посебно ги привлекува Берлин, што токму така го чувствуваат и го впиваат духот на слободата и отвореноста.

Преку 70 години по војната, тој вид надминување на минатото ни оддалеку не е завршено. Соочување со минатото во врска со времето во Германија по војната, соочување со причината за поделба на земјата и посебно со нејзините последици всушност уште не е ни почнато. Досега само еднаш е забележано дистанцирање од Партијата на социјалистичкото единство на Германија. Но, тоа би бил начин за префрлање на вината во комшискиот двор.

Германија е повторно обединета земја, што отсекогаш била желба на Германците. Така сега историјата на ГДР и СРГ мора да се гледа како заедничка историја.

Претходни колумни од авторката:  

Моја Европа: Кој е мојот идентитет?

Моја Европа: Јазикот е клуч за среќа

Моја Европа: Да се патува и да се допре животот

Moja Европа: Берлин како европска метафора

Деца од иста мајка

Без времето пред војната и злосторствата на националсоцијализмот, не би ни имало поделба. Иако близнаците различно се равивале, тие сепак се деца од иста мајка. Поради тоа ни Запад ни бившиот Исток на Германија не можат да се чувствуваат надмоќно. Важно е рамноправното настојување на обете страни да го преработуваат минатото. Време е на минатото, со сите разлики и комплексноста, да се погледне објективно и од него заеднички да се учи.

Не треба да се зборува за победници и победени, за праведни и неправедни, туку за настојувања да се размрси клопчето на каузалности и зависности за да се овозможи оздравување на одделни делови и нивно сраснување во здрав организам. Дури откако тоа ќе се случи, браќата веќе нема да се гледаат како полубраќа, ќе се прифатат еден со друг и ќе можат заеднички да носат и политички одлуки.

Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела се книгите „Лесно ветре во рајот" и „Берлин е мојот Париз - приказни од престолнината".