1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Да се учи од иднината

Дана Григорчеа
16 декември 2017

Бидејќи има израснато во комунистичкиот Источен блок, писателката Дана Григорчеа во Западна Европа понекогаш се чувствува како патник низ времето. Денес сѐ повеќе луѓе ширум светот го споделуваат ова искуство.

https://p.dw.com/p/2pR76
Dana Grigorcea Gastautorin für "Mein Europa"
Фотографија: ZDF

Првиот телевизор во боја, на кој се сеќавам, всушност, не беше во боја - моите соседи имаа залепено тробојна фолија на нивниот црно-бел телевизор. Горната третина од екранот беше сина како небо, така што сите луѓе, кога беа во крупен план, имаа сини очи. Средниот дел беше црвен, така црвен, како што  во Романија во тоа време се замислуваше здрава боја на кожата. Долниот дел од екранот беше зелен како тревата пред монструозната „Палата на народот" во Букурешт. Бев фасцинирана од „телевизорот во боја", кој ме следеше до мојот последен роман. Фактот дека низ тробојната фолија црвените комунистички знамиња на пропангандистичката државна телевизија одеднаш блескаа сино, имаше голем субверзивен карактер. Воопшто, оваа приказна со трибојната телевизиска фолија ја покажува способноста на уметноста да создаде слободен простор во крут систем.

Приказната со фолијата на телевизорот секогаш ги засмеваше моите швајцарски студенти. Иако беа само неколку години помлади од мене, некои искуства ни се разликуваа како на две генерации: некогаш зборував како нивните баби и дедовци и како да сум дојдена од некое друго време. Само да знаеја дека порано сум бил облечена како нивните родители или како родителите на нивните родители и дека музичкиот вкус ми беше синхронизиран со нивниот!  Модата со големо задоцнување се пробиваше преку Железната завеса. Воопшто, за време на моето детство, се користеа, уреди, предмети, кои денес не се ниту историја туку уметност. Тоа на мене не можете да го видите, но јас сум некој кој патува низ времето. Како и сите источноевропејци кои го доживеаја комунистичкиот Источен блок, некое време мислев дека сум сама со искуството на ова уникатно патување. 

Palast des Volkes mit Baustelle
Фотографија: picture-alliance/ZB

Наше секојдневие стана иднината, која не воодушевува

Во моето детство, сѐ уште запрежни коли влечени од коњи возеа во градот, а само на еден час од мојот стан, на нивите земјата се ораше со волови. Сега,  со оглед дека сѐ полесно се патува, и другите Европејци стануваат патници низ времето, на пример, кога посетуваат одредени делови од Азија или Африка за време на нивниот одмор. Но, и бегалците кои доаѓаат во Европа се патници низ времето. Тие ни носат приказните кои нам ни се туѓи, додека на нашите предци не им биле.

Други колумни на Дана Григорчеа:

-Моја Европа: Татковината како одраз на загубениот рај

-Моја Европа: Уметници со деца

-Моја Европа: Манифест за чувствителноста

Патувањето низ времето е сон на човештвото, кој се обработува во литературата и во филмот. Повеќето од нас како деца фантазираа - можеби под влијание на романот на Жил Верн - дека ќе градиме машина за патување низ времето за да се вратиме во минатото и да им помогнеме на луѓето со ново знаење. Или во иднината, да видиме дали она што го правиме води кон добро.

За тоа повеќе не е потребна машина за патување низ време. Доволно е да патуваме во иста димензија, бидејќи војните катапултираа делови од земјата во минатото, а диктатурите ги оставија во минатото да изгнијат. Од друга страна, може да се каже дека демократијата и технолошкиот развој секој ден нè водат чекор натаму во иднината. Нашата реалност стана иднината, на која ѝ се восхитуваме, но и од која, исто така, стравуваме. Колку повеќе знаеме за сегашноста, толку повеќе сме отишле во иднината.

И негативците патуваат низ времето

Во таа иднина, сè повеќе е можно, неопходно е да се има отворени очи, за да на вистински начин се искористи што е можно повеќе. За патниците низ времето, како што сме, тоа треба да биде лесно, бидејќи временските патници  имаат стекнато искуство и се мудри. Со еден клик, ние се телепортираме, учиме, се враќаме назад и свртуваме сѐ на добро. Но, како што знаеме од филмовите и негативците патуваат низ времето. И тие исто така ги користат сознанијата за да ја добијат битката за моќ.

Ајде да започнеме временско патување во Швајцарија, која за некои е земја на иднината. Во неа постои директна демократија, човекот може да одлучи за сите релевантни животни прашања. До пред неколку години во лагодното секојдневие во Швајцарија немаше непремостлив простор меѓу политичарите и граѓаните-избирачи, како и меѓу интересните групи и политичките партии. Целта беше  сите да ги поддржат одлуките и да ги обликуваат. Оваа многу, многу голема коалиција беше величана со децении, бидејќи четиријазичната Швајцарија е нација која постои благодарение на волјата на нејзините граѓани. Но, на конструкцијата на многу голема коалиција потребни ѝ се граѓани кои ќе ја носат, луѓе кои ги красат зрелост, кои се добро информирани - што изискува и сериозно медиумско опкружување.

Schweiz Referendum Durchführungsinitiative
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Reguzzi

Швајцарија: опасно патување во минатото

Тоа што во моментов се случува со медиумите во Швајцарија потсетува на минатото. Додека ослабените медиумски куќи ги купува политичарот на десничарската Швајцарска народна партија (СВП) и милијардер Кристоф Блохер, подмладокот на истата партија заедно со политичките истомисленици, покрена иницијатива да се укине Швајцарската радио телевизија- која е втемелена во уставот- и тоа заедно со сите програми на јавниот медиумски сервис. Оваа иницијатива, за која би требало да се одлучува во наредната пролет, итро се нарекува „Не за Билаг“, според Билаф, која во Швајцарија ја наплаќа радио-дифузната такса. Целта на таа популистичка парола е да се прикрие планот за десничарско преобликување на Швајцарија- какво што веќе е видено во источна Европа. СВП, во меѓувреме најсилна партија во Швајцарија, се обидува да ги придобие граѓаните за тој план, посочувајќи на нивниот паричник- проследено со сомнително објаснување дека во време на медиумски промени секој има право да ги плаќа само саканите содржини. Иницијативата меѓутоа не споменува дека СРГ има образовна мисија и дека предвид мора да бидат земени потребите на сите делови на Швајцарија, значи и послабо населените области, како латинска Швајцарија.

На патот во минатото, на кој би требало да се укине јавниот медиумски сервис, Швајцарија ќе сретне некои од источно-европските земји, кои и натаму не научиле ништо од иднината.

Дана Григорчеа е швајцарско-романска книжевничка. Во 2011 година на германски јазик го напиша својот прв роман „Баба Рада". Нејзиниот последен роман „Првобитно чувство на наивност" е објавен 2015 година.