Моратинос оптимист за датум за преговори со ЕУ
20 април 2010„Верувам дека до крајот на шпанското претседателство ќе бидеме во можност да објавиме датум за старт на преговорите на земјава со Европската унија“. Ова денеска во Скопје го изјави шефот на шпанската дипломатија Мигел Анхел Моратниос, по средбата со својот македонски колега Антонио Милошоски.
Според него, двете страни, како и Европската унија вложуваат се’ што е во нивна моќ да се надмине спорот со името со цел одредување на датум за старт на преговорите. „Ние како ротирачко претседателство со ЕУ, како шпанско претседателство веруваме дека ќе можеме да објавиме датум за старт на пристапни преговори за вашата земја. Тоа е нашата посветеност и нашето залагање. Целата наша енергија, одлучност, капацитет ќе ги ставиме во служба на остварување на почетокот на преговори и убеден сум дека до крајот на шпанското претседателство ќе можеме да дадеме ваква позитивна најава“, изјави министерот Моратинос. Тој повтори дека Шпанија како претседавач го доби мандатот од ЕК да работи на доделување датум за преговори за Македонија, а ЕУ не треба да ја пропушти можноста да се потврди како кредибилен фактор кој може да ја прошири зоната на безбедност и просперитет во регионот на Западен Балкан како дел од Европа.
Министерот за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски истакна дека ЕУ интеграциите се движечката сила на Македонија и оти земјата се чувствува подготвена да ги почне преговорите за членство во Унијата. Коментирајќи ги изјавите од грчка страна во неколку наврати дека името „Северна Македонија“ ги задоволува грчките барања во спорот со името, министерот Милошоски порача дека непосредните разговори, а не ваквите изјави можат да придонесат за придвижување на процесот напред. „Сметам дека наместо да се дават изјави во јавноста што е пожелно за една страна, а што не е прифатливо за другата страна и обратно, подобро е да се разговара директно и дискретно за да најдеме начин да го придвижиме овој македонско-грчки спор нанапред“, изјави министерот Милошоски. Според него, успехот на Македонија и нејзиниот влез во ЕУ е позитивен за самата Унија.
Двајцата министри на средбата констатираа добри билатерални односи меѓу двете земји. Министерот Моратинос попладнево се среќава со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски.
Автор: АТ/макфакс/миа
Редактор: Борис Георгиевски