1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180310 ISAF Kasdorf

18 март 2010

Меѓународните ИСАФ сили планираат во повеќе фази да ги разбијат упориштата на талибанските бунтовници во Авганистан. По сегашната офанзива во покраината Хелманд, на ред ќе дојдат и другите региони меѓу кои и Кундус.

https://p.dw.com/p/MVmu
Војници на Бундесверот во мисијата за АвганистанФотографија: picture alliance / dpa

Одговорноста за состојбата во Кундус ја носат војниците од германскиот контингент. Доколку и таму се спроведува голема операција како сегашната во Хелманд, тоа ќе значи зголемување на ризиците по нивната безбедност. За она што ги очекува во текот на годината, како и општо за стратегијата на меѓународните сили зборува германскиот генерал Бруно Каздорф, шефот на главниот штаб на ИСАФ силите во Кабул. „Секако ќе има операција и таму горе во Кундус. Не сакам да кажам дека ќе биде со ист обем каков што гледаме сега долу во покраината Хелманд, но сигурно ќе биде нешто слично“, појаснува највисокиот претставник на германскиот Бундесвер во командата на ИСАФ силите, генерал Бруно Каздорф.

Кундус меѓу опасните региони

General Bruno Kasdorf ISAF
Генералот Бруно КаздорфФотографија: AP

Дека во меѓувреме и покраината Кундус спаѓа меѓу најопасните, тоа е познато уште пред инцидентот со киднапираните цистерни на Бундесверот и последователното бомбардирање што предизвика голем број цивилни жртви. Генералот Бруно Каздорф оценува дека ситуацијата во Кундус е проблематична, но се надева дека по спомнатата воена операција ќе се подобри. „Сметаме дека тоа е исправна постапка, прво да исчистиме некој регион, а потоа да ја задржиме контролата над него. Исто така треба да обезбедиме во него подоцна да функционира државната администрација“, го појаснува планот на ИСАФ силите генералот Каздорф.

Модел со четири елементи

Станува збор за модел во четири фази: планирање, чистење, задржување на контролата и обнова. Во минатото покусо остануваа токму последните две фази, бидејќи меѓународните сили и авганистанската војска и полиција не располагаа со доволен број војници. Така талибанските бунтовници по завршената воена операција можеа повторно да се вратат и да го шират нивното влијание. Сега треба токму тоа да се смени, а офанзивата во Хелманд треба да покаже дали овој пат ќе функционира моделот. Од тоа ќе зависи и натамошната активност на ИСАФ силите: „Веќе рековме дека следна ќе биде покраината Кандахар. Моментално ги разгледуваме елементите од планот за таа операција. Посебно внимание му посветуваме на аспектот локалното население да профитира од нашите операции, луѓето се во фокусот на нашето внимание. И тоа е поголемиот дел од предизвикот, во споредба со воениот дел...“

Guttenberg im Kundus
Министерот за одбрана Гутенберг при една од посетите на германските војници во КундусФотографија: AP

За успехот нема алтернатива

Оваа година според многумина ќе биде пресудна за состојбата во Авганистан. Ако сега не дојде до пресврт, тогаш судбината на земјата ќе биде многу нејасна. Запрашан за проценка на шансите, генералот Каздорф вели: „Мораме да успееме, мора да оствариме успех овде во Авганистан. Доколку тоа не би ни пошло од рака, што ќе биде со земјата, како да постигнеме стабилност? Во спротивно веројатно ќе има прво граѓанска војна, по која не може да се исклучи дека власта повторно ќе ја освојат талибанците. А со тоа пак ќе се создаде место за повлекување на терористите - што сакавме да го спречиме!“

Автор: Кај Кистнер/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска