1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молдавските напуштени деца

Ф. Браун / Е. М. Фиданоска17 јануари 2016

Околу една третина од Молдавците ја имаат напуштено земјата. Најголем дел се заминати во Русија. На иселување ги тера големата невработеност. Возрасните заминуваат, децата остануваат...

https://p.dw.com/p/1DzmG
Фотографија: DW/Martin Nejezchleba

Нона е тивко девојче. Можеби стануваш таков кога мораш да истрпиш толку многу колку нејзе. Татко и‘ починал кога имала четири години. Сега 13-годишната Нона ја знае мајка и‘ всушност само од телефонски разговори, кога се јавува од Москва. Нона расте со баба и‘ и дедо и‘. Тие грижливо ја чуваат. Тоа е повеќе од она што го имаат многу други деца во Молдавија, кои се оставени од родителите. Михаил Онта, дедото на Нона, вели:

„Некои баби и дедовци се алкохоличари. Тие не се грижат за децата. Малите мора сами да се будат, никој не ги мие, облекува и не им дава за јадење. И никој не ги грее. А ним толку многу им недостига топлината на нивните родители. Тие едноставно не се тука.“

Патот до училиште е тежок, посебно во зима. Врне обилно. На селската улица има вирови. Молдавија е најсиромашната земја во Европа. Особено се сиромашни селата, како што е Сипотени. Тука владее крајна сиромаштија која ги тера луѓето да заминат во странство.

Училиштето е светлата точка на секојдневието на Нона. Таму е меѓу пријатели, таму и‘ е забавно и на моменти мисли на други, поубави работи. Нејзин омилен предмет е математика.

„Ми се допаѓа наставата, одморите, многу нешта! И другите деца!“, објаснува Нона.

Од децата кои во Сипотени одат на училиште, секое петто расте само со еден од родителите, 25 се сосема без родители, затоа што тие се во странство. Училиштето мора да ублажува многу проблеми. Екатерина Рау, директорка на училиштето, се жали:

„Немаме доволно поддршка од државата. Родителите би морало да бидат принудени од страна на државата некому да дадат старателско право за децата. Додуша, често некој некако се грижи за детето, но во никој случај не презема целосна одговорност. Во таков случај децата честопати завршуваат на улица.“

Нона е срамежлива. Во училницата главно седи сосема назад. Сепак, таа е амбициозна и многу добро излегува на крај со наставата. Други деца кои биле оставени често имаат големи проблеми во училиштето. Учителката Марија Боб вели:

„Често кога доаѓаме во училниците гледаме деца кои се потполно изолирани. Тие седат сосема сами и цртаат. Или пак се хиперактивни, друга екстремност. Се прашуваме за што размислуваат. Причина за ваквото однесување често е тоа што родителите им се во странство.“

Eurowaisen in Osteuropa
Родителите заминуваат на работа во странство, а зад себе ги оставаат старите и децатаФотографија: DW/Martin Nejezchleba

Околу една третина од Молдавците ја имаат напуштено земјата. Најголем дел се заминати во Русија. На иселување ги тера големата невработеност. Но честопати причина е и длабоката поделеност во земјата меѓу оние кои зборуваат руски и проевропските сонародници, кои зборуваат романски. Земјата сака во иднина поблиски врски со ЕУ. Во едно руско училиште во главниот град Кишињев, каде порано имаше над 1000 ученици, денес има само уште 400. Директорката Ирина Богачук оценува:

„Денес проблем е што многу луѓе кои зборуваат руски за жал ја напуштаат земјата, па постојано се намалува и бројот на учениците во руските училишта.“

По часовите во посета на Нона доаѓа нејзината најдобра другарка, Андреа. Заедно гледаат видеа што самите ги снимиле и тивкото девојче на момент се претвора во безгрижен тинејџер. Се‘ до прашањето - кога последен пат славела роденден заедно со мајка и‘?

„Не можам да се сетам кога последен пат таа беше дома. Можеби пред две или три години, не знам“, одговара замислено.

Нона води телефонски разговори со мајка и‘ што е можно почесто. Инаку и‘ остануваат само фотографиите. Таа сонува да студира право. Тогаш сака да замине во Ирска и да заработува многу пари. И можеби навистина еден ден во нејзиното родно место ќе изгради куќа, онака како што родителите тоа отсекогаш го посакувале. Некои успеваат навистина да изградат куќа, но живеат и работат далеку оттука. Остануваат само старите и децата.