1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирска како пример за Грција?

Геван Рајли/сн29 јули 2015

Економски раст е возможен и покрај мерките за штедење, Така барем тврди ирската влада и ги повикува останатите да ја следат. Но тоа е само една страна на медалот. Ирците се принудени на многу откажувања.

https://p.dw.com/p/1G6Rl
Фотографија: DW/M. Hartlep

„Тие сакаат да им ги простиме долговите. Кој нам ни ги прости долговите? Никој. Да ги пуштиме Грците да потонат. Ни тие нам ништо не ни дадоа“, луто зборува слушателот Лијам кој се јави на една емисија во живо на Ирското радио, пред одлуката за продолжување на помош за Грција. Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис ги обвини токму Ирците дека спаѓаат меѓу најголемите непријатели на отписот на долговите на Грците. Обичните граѓани како Лијам покажуваат и зошто.

Штедење по линија на помал отпор?

Ирската влада, на чие чело од 2011. стои премиерот Енда Кени, земјата цврсто ја држи на курсот за штедење. Ирска го отфрли отписот на долговите на Грција поради две причини. На прво место е имиџот на земјата која на многумина во Европа им служи како пример дека економски раст може да се оствари и покрај силни мерки на штедење. Втората причина е плод на предизборно тактизирање. За 9 месеци во Ирска ќе има избори и најлутиот противник на коалицијата на Кени е токму партијата Шин Фејн која дели слични ставови со грчката Сириза. Посебно кога станува збор за простување на долговите. Со други зборови: доколку би се покажало оти отписот на долговите е подобар рецепт за економско подобрување на земјата, за Кени и неговата влада тоа би значело политичка смрт. Пол Марфи, пратеник на ирскиот Сојуз против штедење и поборник за простување на долговите е огорчен поради крутото однесување на ирската влада. „Да успееше Сириза, тогаш на сите ќе им беше јасно дека ирскиот пат на штедење и имиџот на 'примерен ученик' дава послаби резултати отколку отворен конфликт со Брисел“, вели Марфи. Вака Кени и понатаму може да им вели на Грците да го „следат ирскиот модел“.

EU Gipfel in Brüssel
Фотографија: Reuters

И Грците страдаат

И навистина, она што Кени во минатиот месец им го претстави на новинарите во Брисел звучи како успех. Ирска не го зголеми ни данокот на додадена вредност ниту ги зголеми социјалните давачки. На прв поглед изгледа дека Ирска успеа. Ирската економија расте повеќе отколку која било друга во еврозоната: 4,8 проценти. Стапката на невработеност падна за една третина и сега се движи околу 10 насто. И внатрешниот долг е драстично намален. Ирска иако е далеку од вредностите од годините кога важеше за „економски тигар“, сепак е на патот на стабилно закрепнување. Но успехот има и друга страна на медалот.

Plan B Irland Krisengraffitis
Фотографија: DW/M. Hartlep

Владата на Кени во последните 5 години ги зголеми даноците за вкупно 28 проценти. Истовремено ги намали државните трошоци за 10 отсто. Најмногу заштеди во секторот на здравството и грижата за лица со посебни потреби. И помошта за невработените е драстично намалена, особено за помладите од 25 години. Според наводите на ирската влада, за нормален живот е потребна заработувачка од најмалку 11,65 евра за час. Но младите невработени мораат да излезат на крај со 100 евра неделно. Многумина среќата ја бараат во странство. Во последните 5 години е забележан најголем бран на иселување по оној за време на катастрофалната глад во средината на 19. вел кога голем број Ирци заминаа во Америка. Од 2011. се иселиле 112.600, главно млади Ирци.

Константинос Дракакис е претседател на Грчката заедница во Ирска. Тој смета дека политичарите изгубиле контакт со реалноста. „Живеам во Ирска и го разбирам принципот на фер-плеј кој тука владее. Можеби Ирците мислат: зошто ние да страдаме, а Грците не. Но притоа се заборава дека и Грците страдаат и тоа поради тоа што не се спроведуваат реформите.“