1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Може да се справиме со бегалската криза!“

Клаудија Вите/сн20 септември 2016

Неделава во Њујорк се одржуваат две конференции посветени на бегалците. Едната ја свика Бан Ки Мун а другата САД и Германија. За актуелната бегалска криза говори шефот на УНХЦР за Европа, Винсен Коштел.

https://p.dw.com/p/1K4qw
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

ДВ: За што ќе станува збор на конференцијата за бегалците која се одржува во ОН?

Винсен Коштел: Очекуваме дека претставниците на државите од кои бегалците доаѓаат и заминуваат, потоа претставниците на ткн. земји на азил но и транзитните земји ќе ги убедиме да се обврзат кон придржување кон основните насоки но и кон подобра соработка во справувањето со вакви кризи. Ако фрлиме поглед на Европа и на лекциите кои ги научивме од кризата во 2015 година, понекогаш ни се наметнува впечатокот дека државите не се вистински подготвени да извлечат поуки од она што се има случено. Тоа е нешто како мамурлак и главоболка. Се будите наутро и се прашувате: Господе, што направив синоќа?

Кои се прашањата кои земјите од ЕУ можат да си ги постават самите себеси?

Едно од прашањата е дали сме сигурни дека Европа е подобро подготвена отколку што беше во средината на 2015 година и што уште би можело да предизвика масовен прилив на бегалци во Европа. По избувнувањето на кризата, клучните придвижувачи и причини за принудното раселување и економските миграции се и натаму тука и дејствуваат. Проблемот на Авганистан не е решен. Таму сѐ уште има војна. Ниту конфликтот во Сирија не е решен. И натаму има војна во Либија ама и низа други конфликти, кои би можеле да доведат до раселување на луѓето. Зошто беше потребно толку многу време за да се тргне со преместување на луѓето. По една година од договорот исполнети се само 13 насто од целите за Грција и само 5 насто за Италија.

Vincent Cochetel
Винсен КоштелФотографија: UNHCR/Jean-Marc Ferré

Што подразбирате под подготовки на поконкретно ниво?

Веруваме дека кризата покажа дека мора да имаме заеднички систем за регистрација на бегалците во Европа- не само отисоци на прсти, туку и досиеја. Тоа ќе го олесни планирањето и спроведувањето на Даблинскиот договор, релокацијата на бегалците и спојувањето на семејствата, но и ќе го спречи губењето на податоците за децата-бегалци кои се движат низ Европа без придружба. Дали е тоа технички изводливо? Да. Потребна ни е само малку заедничка волја, но така би добиле заеднички систем за регистрација.

Дали Европа сега е подобро подготвена за бегалците. Дали се извлечени поуки?

Не. Ние не гледаме дека се научени лекциите. Постојат низа предлози кои Еврокомисијата ги поднесе во јуни и во јули. Некои од нив се движат во вистинска насока, но се некако претпазливи и не ги допираат големите проблеми. Впрочем демонстрираат дека можеме бројни земји да ги прогласиме за сигурни земји за транзит пирум Европа, со што повторно се овозможува брзо враќање на бегалците во соседните земји, што им е подобра опцијан отколку да ги испитуваат нивните барања за азил. Всушност тоа е начин како да дојдете до брзи но не до вистински решенија кои функционираат, Нема магичен рецепт. Потребни се заеднички алатки и повеќе заеднички пристап кон решавањето на проблемите.

Многу луѓе сметаат дека кризата е завршена. Зошто извлекуваме поуки од кризите само кога мислиме дека се завршени?

Како можеме да бидеме сигурни дека кризата нема да се повтори? Убеден сум дека луѓето ќе продолжат да се преселуваат. Европа се стави во позиција на зависност од земјите кои се лоцирани на нејзините надворешни граници. Можеме само да се надеваме дека спроведувањето на договорот ЕУ-Турција ќе продолжи. Но ако не биде така или ако не се спроведува во целост, тогаш мораме да имаме план Б за решавање на ваков вид кризи на ниво на Европа. И натаму постои голем прилив на луѓе, кои доаѓаат во Италија. Повеќето од нив се економски мигранти. Италија самата не може да го реши тој проблем. Географската локација не може да биде база за давање одговорност на поединечни земји за решавање на таквите проблеми.

Kos Küste Strand Ankunft Flüchtlinge Touristen
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Како може да бидат уверени луѓето во Германија и во Европа дека е возможно да се организира сегашниот прилив на бегалци?

Не треба да запаѓаме во паника. Ова не е првпат Европа да се соочува со ваква преселба на луѓе. Не е секој бегалец. Мораме да осигураме подобро функционирање на системот на враќање на оние кои не се бегалци но и интеграцијата на оние кои остануваат да не биде препуштена на случајот. Мора да се инвестира во тоа. А тоа е инвестиција во иднината. На луѓето не им е потребна заштита цел живот. Погледнете ги бегалците од Босна и Херцеговина. Многумина од нив се вратија во својата земја, некои дури и со пасош од друга земја. Тие секогаш со една нога остануваат во земјата од која доаѓаат и во земјата во која нашле прибежиште. Но тоа е во ред. Тие така се подвижни, мобилни.

Винсент Коштел е директор на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) за Европа.

Клаудија Вите/сн