1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Могерини: гледаме нов почеток за Македонија

БГ
18 јули 2017

По пауза од две години во Брисел се одржа состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу претставници на ЕУ и Македонија. Европската Комисија ветува поддршка за земјата

https://p.dw.com/p/2gjd2
Belgien EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/AP/G. V. Wijngaert

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација изјави дека гледа нов почеток и силна заложба за реализација на потребните реформи во Македонија. По двочасовниот состанок на кој од страна на ЕК, покрај Могерини, присуствуваа и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, а од македонска: министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, беше изразено задоволство од новите сигнали кои доаѓаат од Скопје.

Могерини и Хан ја поздравија заложбата за решавање на отворените прашања со соседите. Димитров вети дека новата влада ќе гради независни институции.

„Основото ветување до граѓаните е да се работи на градење независни и функционални институции кои ќе обезбедат со Македонија да владее правото, а не еден лидер. Тоа нѐ прави партнери со Комисијата“, рече шефот на македонската дипломатија. 

Могерини: гледаме нов почеток за Македонија

На прес-конференцијата по состанокот тема беше и спорот за името со Грција. Димитров смета дека компромис со Грција е можен, но го отфрли именувањето на земјата со „Фиром“ (БЈРМ) од страна на новинарите.

„Кога ќе кажете ФИРОМ, тоа се однесува исто толку на мојата земја колку и да кажете 'Клингон' од серијата Ѕвездени патеки“, рече Димитров.

„Мораме да најдеме начин и двете земји да продолжат напред со подигнати глави. Мислам дека тоа е можно... Треба да ги направиме вистинските чекори во вистинско време“, дополни шефот на македонската дипломатија.

Могерини не го коментираше директно спорот, но рече дека „со новата влада подготвена да ги имплементира потребните реформи, постои реална можност земјата да се придвижи на патот на интеграцијата кон ЕУ“.