1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мнозинството може да добие поддршка од 70 пратеници

2 март 2018

Беса и ДПА се двете опозициски партии кои би можеле да станат дел од владејачкото мнозинство, со намера да ги поддржат реформските и интегративните процеси. Беса веќе ги почна разговорите на таа тема.

https://p.dw.com/p/2tYx9
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Поддршката на реформските закони и евроатлантските аспирации го доближуваат владејачкото мнозинство во парламентот до можна поддршка од 70 пратеници. Партии од редовите на опозицијата веќе извесен период изразуваат интерес да го поддржат и прошират парламентарното мнозинство. Една од нив и Движењето Беса, која во моментов е поделена на две крила, и по два паралелни конгреса има двајца претседатели - Африм Гаши и Биљал Касами, па решение на состојбата бара преку судска битка.

Премиерот Зоран Заев вчера одржа работен состанок со Африм Гаши, кој во соопштението на владината прес-сужба фигурира како „претседател на движењето Беса“. Премиерот го информирал Гаши, за текот на преговорите со Грција, потенцирајќи дека процесот се наоѓа во суштинска фаза и дека постојат разлики, но и оптимизам за изнаоѓање решение кое ќе ги заштити достоинството и идентитетот на граѓаните на двете држави.

„Во рамките на состанокот беше договорено дека разговорите меѓу премиерот Заев и лидерот на Беса, Гаши, ќе продолжат во текот на месецов заради обезбедување идна можна соработка на парламентарно ниво и на ниво на извршна власт“, се вели во соопштението од Владата. 

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм Гаши во соопштението на владината прес-сужба фигурира како „претседател на движењето Беса“Фотографија: Katerina Blazevska

Истото го потенцираше и Африм Гаши по средбата.

„Се договоривме во текот на месец март да почнат преговори за Беса да биде дел од парламентарното мнозинство. Премиерот беше оптимист дека може да се постигне оваа цел, а и ние изразивме подготвеност да помогнеме во овој процес. Не разговаравме за конкретни прашања, туку само за подготвеноста и за потребата за проширување на владината коалиција и парламентарното мнозинство да биде постабилно“, изјави Гаши.

Беса во парламентот има пет пратеника, од кои двајца се во крилото на Касами, но и покрај тоа пратеничката група засега дејствува усогласено.

Повеќе: Ќе расте ли владејачкото мнозинство во јануари?

И ДПА е во игра

Не е исклучено во владиното мнозинство да влезе и ДПА на Мендух Тачи. Извори од мнозинството како еден од сигналите за тоа го посочуваат фактот дека ДУИ сѐ уште не предлага нов министер без ресор (задолжен за странски инвестиции), позиција што остана испразнета откако поранешниот министер Рамиз Мерко стана градоначалник на Струга, а се шпекулираше дека таа функција „ја чува“ за кадар на ДПА. Доколку Беса влезе во коалиција, според истите извори, партијата би добила конкретен ресор, а отворени се и позициите што останаа кадровски непополнети по заминувањето на Алијанса за Албанците, на Зијадин Села. Во проширувањето на владејачкото мнозинство засега не се спомнува Алијансата.

Можното проширување на мнозинството доаѓа во време кога премиерот Заев најави преиспитување на работата на именуваните функционери, особено по критиките во јавноста за дефицит на морален и професионален кредибилитет кај дел од нив. Пред една недела, премиерот во интервју за БИРН најави кадровски промени кои може да предизвикаат и реконструкција во Владата.

„Има дел кои знаат и се трудат. Има дел кои ниту знаат ниту се трудат. Рекапитуларот ќе се случи по десетте месеци од стартот на Владата, напролет, кога на дел од нив ќе им се заблагодариме. Немаме многу време, а граѓаните чекаат резултати. Рекапитуларот може да предизвика и реконструкција. Може да има промена на директори, но и промена на министри, на државни секретари...“, најави премиерот.

Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Заев: Има дел кои знаат и се трудат и има дел кои ниту знаат ниту се трудатФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Љубчо не се враќа во ВМРО-ДПМНЕ

И додека фокусот е на окрупнување на мнозинството, извесен период се шират шпекулации и за окрупнување на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека Љубчо Георгиевски со ВМРО-НП ќе се врати во некогашната матична партија. Запрашан за ова во тв-интервју, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека имал телефонски разговор и една средба со Георгиевски.

„Не сме се виделе со Љупчо од пред Нова година, планирам да остварам средба, да ја продолжиме нашата комуникација“, рече Мицкоски, и потенцираше дека политиката на отворени врати во ВМРО-ДПМНЕ е реалност.

Mazedonien Ljubco Georgievski Präsident der VMRO-NP-Partei
Љубчо Георгиевски не се враќа во ВМРО-ДПМНЕ, тврдат во неговата ВМРО-НПФотографија: DW/P. Stojanovski

Од ВМРО-НП ги отфрлаат гласините „за враќање на Љубчо“ во ВМРО-ДПМНЕ.

„Не постои таква намера“, категорично тврдат за ДВ високи функционери од ВМРО-НП. Тие се сомневаат дека ваквите шпекулации имаат за цел да им наштетат во време кога остваруваат успешна соработка со власта на локално ниво.

„Коалицираме со СДСМ на локално ниво. И тоа ни е најважно, бидејќи во изминатите години нашите кадри беа измачени од односот на ВМРО-ДПМНЕ. Месецов ќе разговараме и за соработка на централно ниво, без никакви барања од наша страна, оставајќи објективно да се процени каде наши кадри би го дале својот професионален максимум“, велат од партијата, додавајќи дека тоа најверојатно би било во „третиот ешалон“.

Сметаат дека последните шпекулации можеби се подгреале по ставот на Георгиевски, кој на Фејсбук напиша дека „од сите имиња што беа кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски сепак е најнекомпромитиран, неизвалкан со афери, најенергичен и најхаризматичен, дека има шанса да остави свој печат, и дека треба да му се даде шанса“.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид