1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу симболика околу Сирија, но каде е планот?

Марк Халам/превод:БГ3 декември 2015

Ова не е избор меѓу акција или неактивност, туку избор меѓу неактивност и уништување - на овој начин член на британската Конзервативна партија го коментира гласањето за воздушни напади вo Сирија. Марк Халам се согласува

https://p.dw.com/p/1HGJZ
Фотографија: Reuters/E. Gaillard

Некои нешта на светов воопшто не се ни за дебата. На пример фактот дека нашата проблематична планета би била малку подобра без ткн. „Исламска држава“, или ИСИС, ИСИЛ или Даеш- последниов стана омилен акроним за време на маратонската седница во средата во британскиот парламент.
Министерот за надворешни работи во сенка на Лабуристите, Хилари Бен ги опиша милитантите на ИД како „фашисти“ во еден од посилните говори во поддршка на ставот на владата. „Она што го знаеме за фашистите е дека треба да бидат поразени“, рече тој. За разлика од Бен кој на овој начин им се спротивстави на скептиците во сопствената партија, еден друг партиски бунтовник го образложи спротивниот став. Од почетокот на воздушните напади во Сирија и Ирак од коалицијата предводена од САД пред нешто повеќе од една година, регрутацијата на ИД е двојно зголемена, рече проминентниот пратеник на Конзервативците Дејвид Дејвис. Нападите ги блокираа борците на ИД, спречувајќи го нивното движење и убивајќи дел од нив, се согласи Дејвис, но дали тие ја исполнија зацртаната цел: „да се запре и уништи ИД“.

Симболика и акција

Тешко е да се поверува дека неколку британски воени авиони - кои и онака се активни над Ирак повеќе од една година - ќе имаат големо стратешко влијание врз териториите кои ги контролира ИД во Сирија. САД, Франција, Турција, Јордан, Саудиска Арабија, Холандија, Канада и Бахреин се само дел од земјите кои веќе оперираат вој тој воздушен простор. Притоа и да не ја споменуваме руската воена интервенција, или преостанатите сириски воздушни сили.
Симболиката го водеше ова гласање, слично како и она во германскиот Бундестаг. И со право, Европа е одлучна да застане рамо до рамо со Франција по нападите во Париз.
Но таквата желба за брза акција е придружена од опасности, а симболиката може да биде двонасочна улица: бранот најави од Западот за засилена воена акција на Блискиот Исток има потенцијал да ги засили регрутацијата и пропагандата на ИД.

Deutsche Welle Englisch Fußball Mark Hallam neu
Марк Халам

Која е пошироката стратегија?

Премиерот Дејвид Камерон повеќепати повтори дека воздушните удари се дел од поширока стратегија против ИД. Но што е големиот план, особено во однос на Сирија? Дали Западот сега ќе соработува со Асад на кус или среден рок?
Актуелниот, недефиниран коалициски договор со Москва и Дамаск- кој може да се нарече и „бомбардирај и дозволи да бомбардираат“- обезбедува повеќе оружје одошто структура. Што со Курдите во Ирак и Сирија, клучните сојузници на западната алијанса досега? Како нивната иднина се вклопуа во пошироката стратегија, и што ќе каже НАТО членката Турција за таквите планови?

Британската јавност - иако потресена и шокирана од злосторствата во Париз- и натаму е претежно скептична за воените ангажмани на нивната земја во 21 век. Талибанците се повторно во офанзива во Авганистан, 14 години по интервенцијата. ИД го контролира северен Ирак, а се шири и во Либија, земја која и самата е пред распад. Ниту еден од овие примери не дава доказ за ефективна долгорочна стратегија на планирање. Напротив, предупредува на опасностите од вакуум на власта по воена интервенција.
Но и покрај сево ова, еден чест аргумент проти нападите треба безрезервно да се отфрли. Наивно е, дури и опасно, да се смета дека со одобрувањето на нападите Велика Британија станува поголема цел за ИД. Таквиот став ја потценува природата на нихилистите.
Британските безбедносни сили велат дека спречиле седум терористички заговори само во 2015 година, а идејата дека ИД ќе и прости на Британија доколку го бомбардира Мосул, но не и Рака, е смешна. Британија е и останува главна цел на ИД - поради својата слободна, секуларна и демократска држава. Истото важи и за Германија, без разлика што ќе изгласа Бундестагот.
Хилари Бен е во право кога вели дека ИД во основа е фашистичка, и дека мора да биде поразена. Но за кога е закажана следната голема дебата - меѓународна, или во некој национален парламент - која ќе се фокусира на прашањето како да се постигне тоа, и што би можело да следува?