1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу партии, малку отвореност

Татјана Долац19 септември 2008

Во недела (21.09.2008) во Словенија се одржуваат парламентарни избори. За гласовите на 1,7 милиони граѓани со право на глас се борат девет парламентарни партии и осум други партии и движења.

https://p.dw.com/p/FLQD
ЉубљанаФотографија: picture-alliance/dpa

Минатата недела се чинеше дека победата на премиерот Јанез Јанша е сигурна. Во истражувањата на јавното мислење, неговата Словенечка демократска партија водеше јасно пред најважната опозициона партија, Социјалдемократската. Сепак, се‘ и натаму е отворено, зашто според изборните закони во Словенија, непосредно пред изборите не смеат да се објавуваат резултати од анкети.

Тоа што резултатот и натаму е отворен, се должи сигурно и на тоа што изборната борба досега се вртеше околу аферата со поткуп, наместо околу теми како екологија, социјална политика или евро-перспективите на Словенија, како што се надеваа избирачите. И, во скандалот наводно е вмешана и владата: при купувањето оклопни возила од финското воено-индустриско претпријатие, Патриа за словенечката армија, во џебовите на одделни политичари наводно се влеале огромни провизии.

Der Slovenische Premierminister Janez Jansa
Јанез ЈаншаФотографија: AP

„Словенија на вистински пат“

Централно-десничарската влада на Јанез Јанша се обидува да го сврти вниманието од аферата и изборната кампања ја водеше со слоганот „Словенија на вистински пат“. Премиерот е убеден во неговите досегашни политички успеси, кои сака да ги продолжи и во наредниот период: „На мислење сме дека овие цели можеме да ги исполниме со продолжување на работата која ја почнавме во овој мандат, со тоа што ќе го задржиме сегашното темпо на економски пораст и ќе обезбедиме праведна распределба на добивката. Во средиштето на нашата програма стои одржливиот развој, што значи и задржување на здрава животна средина.“

Опозицијата тврди дека Словенија веќе не е социјална држава

Во редовите на опозицијата, наспроти тоа, владее мислењето дека на граѓаните под раководство на Јанез Јанша им оди полошо, дека богатството е распределено неправедно, дека Словенија веќе не е социјална држава и дека основните принципи на демократијата во земјата се загрозени поради притисок врз медиумите, правосудството и други државни органи. Затоа, Борут Пахор, водач на опозиционите социјалдемократи, смета дека Словенија е подготвена за промени: „Се чини се‘ појасно дека економската конјуктура се‘ повеќе се претвора во економска несигурност. Токму затоа, најголемо политичко влијание треба да има онаа партија која многу добро го разбира значењето на социјалниот дијалог. На ваквиот предизвик ние одговараме со развојна политика, која треба да создаде подобра основа за конкуренција и да ја зајакне социјалната поврзаност.“

Сите се за нешто спакувано во целофан

Граѓаните, пак, во предизборниот период си посакуваа многу поконкретни и пообврзувачки одговори и ветувања на политичарите.

„Сакам да знам дали ќе настојуваат на конечно решение на пограничниот спор со Хрватска“, бара пензионерот Руди Крамбергер.

А, пензионерката Марија Новак, пак, вели: „Сите сакаат да ги привлечат пензионерите, зашто знаат од каде можат да добијат најголем број гласови. Но, се‘ додека на младите луѓе и на средната генерација не и‘ даваат шанса за работа, не можеме и ние да очекуваме подобра пензија.“

Karte Slowenien - EU-Erweiterungsland

Работникот Марко Новак, со став: „Сите, во принцип, се за нешто убаво спакувано во целофан, за да не е преочигледно, но мене ми фали јасен одговор - како?“

Владата ќе се формира долго

По изборите, на Словенија во секој случај и‘ претстои долг период на формирање влада. Меѓу другото и затоа што Борут Пахор, опозициониот социјалдемократ, исклучува можност за коалицирање со премиерот Јанез Јанша. Тоа, се разбира, значи дека владата би морала да биде составена од повеќе помали партии, чии програми, пак, многу се разликуваат една од друга.