1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите се интересираат за Првата светска војна

Жанет Зајферт/ Жана Ацеска22 март 2014

Првата светска војна ги фасцинира младите во Германија. Едно истражување покажува - околу 77 проценти на луѓето под 30 години се интересираат за темата. На оваа војна во училиштата инаку се посветува мало внимание.

https://p.dw.com/p/1BTws
Фотографија: picture-alliance/Rolf Haid

1914. година веќе со месеци се споменува во бескрајни новински текстови, статии на интернет и во реклами за изложби и филмови. Според анкетата на институтот Форса, спроведена по повод 100-годишнината од почетокот на дотогаш најголемата војна во историјата, големо мнозинство од Германците се интересираат за тогашните настани. Тоа посебно важи за младата генерација, односно за учесниците во истражувањето на возраст меѓу 14 и 29 години. Истиот феномен може да се забележи и кај содржините кои Дојче веле ги објавува на социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и Гугл плус, Првата светска војна предизвикува големи дискусии.

Запоставена војна?

Но, зошто таа трагедија, која е толку далеку од светот на младите, привлекува толкаво внимание? Психологот Карлос Келбл од универзитетот во Бајројт нуди некое објаснување: „Можеби причината е што учениците обработуваат релативно малку материјал за Првата светска војна и затоа сакаат да дознаат повеќе“.

Во дискусиите за германската историја и култура доминира сенката на Втората светска војна, а првенствено периодот на националсоцијализмот. Периодот меѓу 1914.и 1918. година е дефинитивно запоставен.

Келбл истражува колку младите луѓе ја познаваат историјата и верува дека дискусиите за Првата светска војна за многумина Германци претставуваат олеснување. Имено, кај Втората светска војна е јасно дека Германија со нападот врз Полска во 1939. година го почнала крвопролевањето и дека е одговорна за него. Меѓутоа, кај Првата светска војна таа вина не е толку еднозначна:

„Токму во овој момент се води нова голема дискусија. Се обработува ставот дека Германија не е единствената која сноси одговорност за избивањето на Првата светска војна“, објаснува Келбл, а една од причините за тоа е и книгата „Месечари“ на австралискиот историчар Кристофер Кларк.

Историјата ја толкува сегашноста

Улрих Бонгертман, автор на учебникот и претседавач со Германското здружение на професори по историја смета дека темата заслужува дебата:

„Се трудиме во наставниот материјал да ги поврземе противречените научни ставовии различните мислења“, вели тој. Тоа може да биде многу тешко, дури и кога учениците се многу заинтересирани за темата. Имено, учениците често немаат доволно предзнаења.

„Комплексното прашање на вината не може да се елаборира на една страница во учебникот, ниту на еден училишен час од 45 минути“.

Полемиките околу вакви прашање се многу важни за општеството, тврди и стручњакот Карлос Келбл, во прашање е колективниот однос кон историјата.

„Со други зборови, погледот во минатото служи на ориентацијата во сегашноста, политички, но и морално“, вели Келбл за Дојче веле.

Настава по историја во доба на глобализација

Од искуството на овој експерт, младите се многу отворени за дебати од таков вид. Сепак, наставата во училиштата често не ги зема во предвид околностите и културата од која доаѓаат учениците. На пример, девојчињата често поинаку гледаат на историјата отколку момчињата, а разлики има и меѓу учениците од германска националност во однос на нивните соученици од турско, руско или српско потекло.

„Сите тие аспекти кои се поврзани со глобализацијата и натаму играат премала улога во познавањето на историјата“, укажува Келбл.

„На пример, треба да се одговори на прашањето: како се менува интересирањето за историјата кај луѓето кои преживеале емиграција“? Училишната настава дава можност историските настани да бидат осветлени од различни перспективи.

Многумина предавачи се трудат во дискусиите да вклучат лица со странско потекло, нагласува професорот по историја Улрих Бонгертман. Таква прилика има токму кај темата за Првата светска војна. Истовремено, потребна е и голема сензибилност:

„Ситуацијата може многу брзо да зоврие, ако на пример се обработуваат воените злосторства во Османлиското царство против Ерменците, тоа за многу од турските ученици е табу“.

Сепак, Бонгертман се надева во можноста од подобрување на ситуацијата во текот на оваа 2014. година, кога се навршува еден век од почетокот на Првата светска војна.

„Било како било, оваа година нуди шанса учениците и студентите да бидат мотивирани за малку подалечното минато“. За тоа има доволно поводи, годинава се одбележува 75-годишнината од Втората светска војна, како и 25 години од падот на Берлинскиот ѕид.