1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Европејци се плашат од Трамп

Ненси Ајсенсон
4 мај 2018

Кога би можеле да гласаат, младите Европејци би се изјасниле против Брегзит, Фрегзит, Грегзит или Полегзит. Тие веруваат во демократијата, но не и во политичките институции. И - Доналд Трамп го доживуваат како закана.

https://p.dw.com/p/2x9XC
Deutschland Pulse of Europe - Demonstration in München
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/S. Babbar

Новата студија „Европска младина 2018-та“, спроведена од YouGov по налог на фондацијата ТУИ, покажува дека младите луѓе во Британија, Франција, Германија, Грција, Италија, Полска и Шпанија, кога би имале можност да гласаат, не би поддржувале популистички позиции, ниту пак би поддржале излез на својата земја од ЕУ.

На прашањето дали би гласале нивната земја да ја напушти ЕУ, 71 процент од испитаниците се изјасниле негативно, што е пораст во однос на 61 проценти од студијата спроведена минатата година. Нивниот став дефинитивно е поврзан со ефектите од Брегзит, вели Маркус Шпитлер, истражувач активен на полето популизам, младина и демократија на ВЦБ Берлинскиот институт за социјални науки и консултант во спроведената студија.

„Младите гласаа против Брегзит и пред тоа, а сега гледаат и колку тешко се одвиваат преговорите меѓу ЕУ и Велика Британија.“

Но, покрај тоа има и други аспекти: „Францускиот претседател Макрон има проевропска визија и отворено позитивно зборува за ЕУ, наспроти популистите кои редовно лобираат против ЕУ.”

Младите Европејци на ЕУ гледаат како на примарно економска алијанска (73 проценти од нив). Политиката на отворени граници и слободата за патување и работа во рамки на Унијата е од второстепено значење (69 проценти), а 63 проценти од испитаниците сметаат дека задачата на Унијата е да обезбеди мир во Европа.

Шпитлер вели дека порастот на поддршката за европскиот проект годинава - најмногу забележлив кај Французите - не е многу стабилен. Тој укажува на првиот круг избори во Франција во 2017-та, кога имаше тенденција младите да гласаат за популистичките кандидати од десницата и левицата. Сепак, зголемената поддршка за ЕУ покажува способност на младите да следат позитивна порака, лекција која многу други европски политичари би требало да ја научат.

Infografik TUI-Umfrage Junges Europa 2018 EU ENG ***SPERRFRIST/Embargo bis 03.05.2018, 10:30 CET***

Германско и европско

Студијата покажува дека повеќе од половина од младите Европејци, односно 52 проценти, се повеќе наклонети кон тоа да се идентификуваат како Европејци покрај нивната националност, што е пораст од 7 проценти, додека само 34 проценти се опишуваат ексклузивно преку својата национална припадност, што е намалување од минатогодишните 42 проценти.

И покрај тоа што се гледаат како Европејци, само една третина, односно 34 проценти, веруваат во ЕУ-институциите, додека уште помал број веруваат во трговската унија, црквите или медиумите. На политичките партии пак, им веруваат во уште помал процент.

Младите луѓе би сакале да видат промени во своите земји. Само 17% имаат доверба дека политичкиот систем функционира како што треба, додека 45% гледаат потреба од реформи, а 28% сметаат дека само радикални промени се решение. „Луѓето се повеќе инволвирани во демократијата и политиката општо погледнато, но тоа не значи дека се задоволни“, вели Шпитлер.

Infografik TUI-Umfrage Junges Europa 2018 System ENG ***SPERRFRIST/Embargo bis 03.05.2018, 10:30 CET***

Демократијата е најдобар модел

Сепак 58% веруваат во демократија и само 6% би преферирале друг систем. Истовремено, тенденцијата кон популистички ставови е најниска во Германија со 7%, а највисока во Полска со 23%.

Студијата покажа дека младите луѓе имаат тенденција кон популистички ставови во зависност од нивните гледишта во три области: елитизмот („Таканаречените елити отскокнуваат од народот“); преферирање народен суверенитет („Политичарите во парламентот мора да ја следат волјата на народот“) и вербата во хомогеноста на народот („Обичните луѓе делат заеднички интереси и вредности“). 

Но популистите, без разлика дали од левица или десница, не ја отфрлаат нужно демократијата. Шпитлер вели дека „ако ги погледнете популистите и непопулистите, тие подеднакво се загрижени за демократијата”. Тоа пак не значи дека ја разбираат на ист начин. Оние кои покажуваат популистички тенденции, покажуваат и уште помалку доверба и поголема скепса кон политичките чинители и институциите. 64% би сакале политичките одлуки да ги носат експерти, а не избраните народни претставници. Подготвени се да прифатат улогата на опозициските партии да биде компромисна, само за политичкиот процес да не биде попречен или забавен.

Infografik TUI-Umfrage Junges Europa 2018 Populismus ENG ***SPERRFRIST/Embargo bis 03.05.2018, 10:30 CET***

Без разлика дали имаат популистички тенденции или не, повеќето млади луѓе американскиот претседател Доналд Трам го доживуваат како закана, 57% наспроти 11% кои го гледаат како шанса. Само младите Полјаци ги гледаат нештата различно: 29% од нив сметаат дека Трамп е шанса, а 25% го сметаат за закана.

Во рамките на студијата биле испитани 6080 млади лица на возраст од 16 до 26 години, од Британија, Франција, Германија, Грција, Италија, Полска и Шпанија, во онлајн-анкета на фондацијата ТУИ. Ова е втора студија што ја спроведува оваа фондација со цел да ја зацврсне вербата во европската идеја.