1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дози адреналин за Мицкоски, но без потенцијал за пресврт

4 јуни 2018

Првиот митинг на опозициската ВМРО-ДПМНЕ под водство на новиот партиски претседател не донесе ништо ново, освен етаблирање на Мицкоски и повторување на стариот став за името, коментираат аналитичари.

https://p.dw.com/p/2ysv3
Mazedonien Skopje - Proteste der Opposition gegen Namensänderung
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Ставот за името искажан на завчерашниот митинг на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го апсорбираше најголемото внимание во домашните и странски медиуми. Според аналитичарите - ништо чудно, со оглед дека митингот се одржува во клучните денови кога се прават напори за решавање на дводеценискиот спор.  

„Ова е историски период за сите нас и една раскрсница во која се наоѓаме во нашето битисување. Се решава проблемот со името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем. Ќе бидам искрен и отворен. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име. Од ова појасен став нема! Историјата ќе суди кој бил во право“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Во странските агенции и медиуми протестите беа видени како антивладини и како протест против можниот договор со Грција за спорот за името“, оценува аналитичарот Сашо Клековски.

„Неспорно е дека многу членови, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, но и граѓани, во протестите видоа можност да ги изразат своето спротивставување на можна промена на името. ВМРО-ДПМНЕ со тоа ќе ја зацврсти позицијата за неменување на Уставот (за промена на името). Истата позиција ја има и претседателот Ѓорге Иванов. Со тоа се зголемува отпорот за решение кое вклучува промена на Уставот, што пак е клучно барање на Грција“, потсетува тој.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ со протестот имала две меѓусебно испреплетени цели: легитимација на новото раководство и претседателот на партијата, и позиционирање на самата партија.

„ВМРО-ДПМНЕ беше во надолна линија под притисокот на истрагите на СЈО, преминувањето во опозиција и поразот на локалните избори. Со митингот ВМРО-ДПМНЕ демонстрира дека и во опозиција има голема моќ за мобилизација. Воедно со тоа се легитимира новото раководство“, вели Клековски.

Mazedonien Skopje - Proteste der Opposition gegen Namensänderung
Протестот на ВМРО-ДПМНЕ, според Клековски, е со две цели: легитимација на новото раководство и претседателот на партијата и позиционирање на самата партијаФотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski

Многу наративи

„Огромна поддршка за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, „Народот му испрати моќна порака на Заев!“, „Граѓаните ѝ рекоа 'не' на Владата“, „Пресвртот почнува“, се дел од насловите во опозициските медиуми. Огромна еуфорија владее и во кампусот на опозициската партија.      

„Митингот на ВМРО-ДПМНЕ, по сѐ изгледа, беше наменет повеќе да даде стимул и адреналин на лидерот и на партијата, отколку како политички пресврт“, коментира комуникологот Петар Арсовски.

„По дуелот со Заев, митингот беше втората прилика каде Мицковски се етаблираше како, веќе неприкосновен, лидер на партијата. Така, со громогласен аплауз од неговите поранешни најверни поддржувачи, Никола Груевски замина во историјата. Друштвото беше мешано: некои членови на партијата кои би морале да бидат таму - не беа, а беа присутни некои од најверните застапници на тезата дека по Груевски во ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи потоп. Ова е, сепак, нормална ситуација кога партијата поминува низ важна трансформација како што е смена на лидерската позиција, а со тоа и на целата хиерархија. Де факто, бевме сведоци како членовите заземаат позиции во однос на новото лидерство - некои се повлекоа, некои се бореа за место во првите редови“, констатира Арсовски.

Mazedonien Petar Arsovski Kolumnist DW-Mazedonisch
Арсовски: Пораките од митингот се комплицираниФотографија: Privat

Пораките од митингот тој ги оценува како комплицирани, со оглед дека Мицковски се обидел да промовира повеќе наративи: прво - дека власта е неспособна и корумпирана, второ - дека државата е заробена, и третата - најкомплицираната: решение сакаме, име не даваме!

„За чисто партискиот наратив му е рано. Сѐ уште нема поминато доволно време за да се акумулира доволно незадоволство од новата власт, за неговите пораки да имаат резонанца. Наративот за 'заробена држава' изгледа како директно позајмен од 'шарената револуција' и Мицковски изгледа гротескно кога го промовира. Се гледа дека му е несвојствен, неприроден. Најпроблематичен наратив е враќањето на национално-патриотските пораки како зона на комфор на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија ја има поминато таа точка и нов наратив на ксенофобија тешко ќе помине. Особено кај името, каде Мицковски изгледа како да го оставиле на маргините, па е лут, а истовремено исфрустриран, знаејќи дека процесот е поголем од него. Оттаму и оној наратив: не поддржуваме уставни промени со цел промена на името - кој е нејасен, остава простор за сѐ, а изгледа патриотски“, смета Арсовски.

Повеќе: 

ВМРО-ДПМНЕ: Да за реформи, стоп за антидржавни политики

Оценки за дуелот: Мицкоски се врами како копија на Груевски

По патот на Груевки

Политичките опоненти ги ислушаа пораките на опозицијата и се огласија со соопштение.

„Нема никаква разлика - Мицкоски продолжува прецизно по патот на Груевски и за жал повторно одбива да им се извини на граѓаните за пустошeњето што ВМРО-ДПМНЕ го вршеше цели 11 години“, се вели во соопштението на СДСМ.

„Наместо да се извини, Мицкоски повика Македонија да запре. Но, тоа нема да се случи. Граѓаните избраа напредок. Владата што ја предводи СДСМ се определи за реформи кои Македонија ја движат напред. По 11 изгубени години, Македонија нема време за губење. Граѓаните немаат уште еден живот да му го доверат на некој нов Никола Груевски, со кого еднаш веќе расчистија. Мицкоски треба да разбере дека Македонија има само еден завет, а тоа е просперитетна иднина, економски раст и членство во ЕУ и НАТО“, порачаа социјалдемократите.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
СДСМ: Мицкоски продолжува прецизно по патот на ГруевскиФотографија: MAKFAX

Идентични ставови доаѓаат и од коалициските партнери на СДСМ. Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, вели дека митингот е бледа копија на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ организирани во деведесетите години.

„Во суштина митингот беше во функција на мобилизација на членството, поттикнување на национализмот и блокирање на евроатлантските процеси. Класичен партиски митинг, без поширока поддршка и без пораки и идеи кои ќе мотивираат, или ќе предизвикат дестабилизација на Владата. Во овие исклучително сложени и тешки времиња за сите нас, најмалку што треба да направи најголемата опозициска партија е да преземе дел од одговорноста за иднината на државата и за отворање на перспективи за младите генерации“, вели Трајанов.

Пораките на Мицкоски, особено ставот за името, беа пренесени во сите грчки медиуми, најчесто со коментари дека Владата на Заев се соочува со внатрешни притисоци во време кога од меѓународната заедница стигнуваат пораки дека решението на спорот за името треба да ги обедини сите партии, во интерес на иднината на земјата.