1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мислењето на Судот за Косово е во полза на Македонија

23 јули 2010

Кај аналитичарите во Македонија преовладува тезата дека мислењето на Меѓународниот суд на правдата во Хаг за Косово е во полза на Македонија и на стабилноста на регионот.

https://p.dw.com/p/OS4g

Одлуката на Судот во Хаг во врска со косовската независност ќе ја зајакне стабилноста во регионот, сметаат аналитичарите кои ги анкетираше Дојче Веле. Суат Мисини и Стево Пендаровски велат дека ваквиот исход е позитивен за Македонија. Спротивно мислење има Иван Стоиљковиќ.

Иако мислењето на Меѓународниот суд е само советодавно, можеше да предизвика одредени турбуленции ако беше во полза на Србија, предупредува Пендаровски од „Американ Колеџ Скопје“:

„Спротивна одлука на оваа повеќе ќе ги кренеше емоциите во регионот, пред се‘ на оската Белград-Приштина со евентуални консеквенци кон нас“, вели Пендаровски.

Во оптек се различни сценарија за иднината на регионот, од кои најцрно е она што предвидува нова дестабилизација и поделба на територии. Сепак, малкумина веруваат во уште една балканска бура. Мисини се надоврзува:

„Провокации се можни, но јас не верувам дека границата на Македонија на каков било начин би била доведена во прашање, дури и во ситуација на обратна одлука на судот.“

Пендаровски: Одлуката на судот е во интерес на Македонија

Artikelbild Karte Grafik Westbalkan BOS bosnisch Albanien, Bosnien und Herzegowina, Kosovo, Kroatien, Mazedonien, Montenegro, Serbien
Малкумина веруваат во нова балканска бура

„Ако гледаме стриктно од наш македонски аспект, ваквата одлука на судот е најдобриот исход што можевме да го замислиме. Ако го следиме единствено државниот интерес на Македонија, овој исход не продуцира сценарија или не дава подлога за евентуални идни сценарија за посериозни политички или безбедносни консеквенци“, нагласува Пендаровски.

Стоиљковиќ: Се‘ што се случува на Косово има влијание врз Македонија

Со ваквата теза не се согласува парламентарецот Иван Стоиљковиќ, претставник на српската заедница во Македонија.

„Не треба да се занемари фактот дека се‘ што се случува таму има директно влијание врз Македонија. Подрачјето на Косово и Метохија и натаму е безбедносно трусно подрачје.“

Македонија ја призна независноста на Косово во октомври 2008 година. Признавањето на новиот сосед ги замрзна односите со Белград, но во меѓувреме македонско-српските релации речиси целосно се нормализираа.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска