1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција да се спаси од Ципрас

Ирене Анастасопулу / ЕМФ26 јули 2016

Кирјакос Мицотакис, новиот лидер на конзервативната Неа Демократија сака да дојде на власт. Негова цел е да ја „ослободи“ земјата од премиерот Ципрас. За ДВ тој објаснува како и зошто.

https://p.dw.com/p/1JPIW
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis/F. Lenoir

Ако Грците утре гласаат за нова влада, тогаш проевропската конзервативна партија Неа Демократија (НД) би однесла јасна победа. Според истражувањата на јавното мислење, Кирјакос Мицотакис, кој на чело на партијата застана во јануари, сака за шест месеци да ја донесе НД на власт. Многумина сметаат дека тој е посоодветен за функцијата премиер од шефот на левичарската партија Сириза, Алексис Ципрас.

Проевропски настроениот неолиберал Мицотакис, кој студирал во Харвард и Стенфорд, покрај пракса во владеење има и искуство во инвестициското банкарство. Тој е потомок на една голема грчка политичка династија. Неговиот татко Константинос Мицотакис беше премиер, а постарата сестра Дора Бакојани беше министерка за надворешни рбаоти и за култура, како и градоначалничка на Атина. Дел од фамилијата Мицотакис е и харизматичниот државник Елефтерос Венизелос (1864-1936), кој важи за основач на модерна Грција. Во земја, во која аномалиите во политиката се предаваат на помладите политичари од старите политички династии како еден вид наследна болест, Мицотакис се инсценира како обновувач и реформатор.

Griechenland Athen Parlament Kyriakos Mitsotakis
Мицотакис во парламентот - дел од сопартијците сметаат дека може да направи повеќеФотографија: picture-alliance/Pacific Press/D. Karvountzis

Политички разум против популизам

Неговите противници, кои ги има и во партијата, го обвинуваат за политичко самоубиство. Тие му префрлаат дека не е во состојба со уверливи аргументи да ги увери обичните луѓе во исправноста на својата политика. Во директен дуел во парламентот тој е гласен, но не поседува харизма за да го турне Ципрас в ќош, нагласуваат противниците. Сепак, Мицотакис има цврсто решено преку нови избори да ја спаси земјата од „катастрофалната политика“ на актуелниот премиер Ципрас.

„Имам разбирање за загриженоста во странство поради постојаните избори во Грција, но владата на Ципрас не може и во основа не сака да спроведе реформи и приватизација“, вели Мицотакис во разговор за ДВ. „Од нова влада под раководство на НД би била испратена порака до Европа дека на популизмот токму сега, по брезгит, веќе не може да му се одговара со повеќе популизам, туку со аргументи на чист политички разум.“

Лидерот на најсилната грчка опозициска партија и голем борец за приватизација, многу внимава на својот имиџ. Се обидува во странство да изгради профил на грчки политичар од доверба. Тој е скептичен во однос на целите за штедење договорени со кредиторите. Исто како ММФ и многу странски економисти, и тој се сомнева во можноста за реализација на целта за пораст на брутодомашниот производ кој Грција мора да го достигне од 2018 година. Мицотакис пледира за кратење. „Заедно со офанзивни структурни мерки, на тој начин би можеле да излеземе од ѓаволскиот круг на грчката економија“, уверен е тој. Сепак, Мицотакис им дава поддршка на реформите предвидени со пакетите за помош. „Ние гласавме за реформите не затоа што тоа го сакаа Германците или Брисел, туку затоа што тоа е исправно за земјата. Впрочем, кризата во Грција е од домашно производство, таа не настана со пакетите за помош. Кој грчки политичар ќе се осмели да ја каже вистината?“, прашува Мицотакис.

Griechenland Athen Kyriakos Mitsotakis, Chef der Konservativen Partei Griechenlands
Мицотакис е за реформи, но не затоа што тоа го сакаат Германците...Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/P. Tzamaros

Порака до „пријателите во Германија“

Бегалската криза и брегзит во текот на изминатите месеци од јавната дебата ја потиснаа темата „криза во Грција“, иако есенва се очекува влошување на економската состојба. Новите преговори со кредиторите ќе бидат покомпликувани. Се очекуваат кратења на пензиите и платите, поголема невработеност на младите и социјални немири. Затоа Мицотакис го вклучува алармот: „Нашите пријатели во Германија треба да знаат дека периодот до крајот на 2018 година е загубено време. Економски ќе паднеме на состојбата од 2014 година. Затоа на Грција ѝ е потребна влада од доверба со пријателска инвестициска политика.“ Тоа е добро и за партнерите во ЕУ, нагласува Мицотакис.