1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирот на „Светата земја“ во втор план

Даниела Чеслоу/сн29 декември 2015

2015 година на Блискиот Исток завршува со насилство. Израелците, наспроти сите критики, тврдат дека нивната земја е успешна. Палестинците се жалат на своето слабо раководство и израелската репресија.

https://p.dw.com/p/1HUtI
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Momani

„Израел секој ден ги подобрува своите меѓународни врски. Што е уште поважно, постојат сѐ повеќе контакти со арапските држави“, изјави портпаролот на израелската влада Марк Регев за ДВ. „Израел во текот на годинава доби 20 насто од сите глобални инвестиции за таканаречената сајбер-безбедност“, додава Регев.

За разлика од него, Диана Буту, политичка аналитичарка од Рамала и поранешна советничка на палестинската организација ПЛО, вели дека е загрижена. „На нашата младина ѝ е доста од сѐ. Таа нема перспектива за иднината, а не гледа дека работите ќе се променат ниту за наредните генерации“.

Мировниот процес пропадна. Преговорите се на мраз, а ескалира насилството. Од средината на септември во повеќе напади со ножеви или друго оружје, Палестинци убија 19 Израелци. Од друга страна, Израелците убија 113 Палестинци, од кои 76 наводно биле напаѓачи. Палестинците возвраќаат дека тоа се напади од очај, бидејќи не престанува израелската воена окупација.

Israel Palästinenser Verhaftung von Messerstecher in Jerusalem Polizei
Фотографија: Reuters/B. Ratner

Израел во текот на 2015. година дури и ја заостри контролата над Западниот брег. На изборите во март владејачкиот Ликуд тешко ја порази опозицијата и освои дополнителни 30 места во парламентот. Премиерот Бенјамин Нетанјаху за својот четврти мандат формира влада на хардлајнери, влегувајќи во коалиција со ултраортодоксните и со партиите кои ги поддржуваат еврејските доселеници. Неговата влада продолжи со изградбата на еврејските населби на палестинските автономни области. Во средината на декември градската управа на Ерусалим дозволи изградба на повеќе од 890 станови во населбата Гило во источниот дел на градот.

На Западниот Брег, регионот кој Израел го зазеде во 1967. година, во моментов живеат 600 илјади еврејски доселници. Тоа е областа на која Палестинците сакаат да воспостават своја држава.

„Потребно е чудо“

Кај Палестинците фрустрацијата поради еврејската окупација се меша со лутината кон сопствените лидери. Махмуд Абас, претседател на палестинските автономни власти и претседавач на движењето ПЛО, сѐ уште ја нема напуштено функцијата, иако мандатот му истече во 2009 година.

Наместо своето место да му го препушти на наследник, овој 81-годишен политичар настапува остро против политичките ривали и дисидентите и на тој начин практично го испрограмира хаосот кој ќе настане откако тој ќе си замине, критикува Диана Буту. 65 насто од Палестинците сметаат дека Абас треба да ја отстапи функцијата, велат резултатите на најновите анкети.

Israel Jerusalem Stadtteil Gilo
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Hollander

Меѓутоа, 2015. всушност беше прилично добра година, наведува Мукхаимер Абу Саада, политиколог на Ал-Азхар универзитетот во Газа и додава - ама само ако се спореди со годините пред неа. Немаше војни и тоа беше можност да се земе воздух од последиците на 50-дневниот вооружен судир меѓу Израел и Хамас во летото 2014 година.

Абу Саада дури двапати имал можност да го напушти Појасот Газа и да патува во Европа, што е реткост за останатите жители на оваа палестинска област која се наоѓа под израелска блокада.

Откако радикалната исламистичка организација Хамас ја презде власта во Појасот Газа во 2007 година и откако дојде до прекин на соработката со умерената палестинска организација Фатах на Западниот Брег, проблемите во оваа енклава се зголемија, тврди Абу Саада. Египет би ги отворил своите граници кон Газа само ако премините ги контролираат силите за безбедност на палестинските автономни власти со кои доминира Фатах. А тоа во моментов е незамисливо поради меѓусебниот судир на двете палестински движења, Израел одбива да ја прекине блокадата на Појасот Газа сѐ додека таму на власт е Хамас. Резултат е осиромашена изолирана енклава, во која младите се соочуваат со невработеност од 43 насто, се наведува во извештај на Светска Банка.

„Потребно е вистинско чудо за во 2016 година да се случи нешто добро за Газа“, вели Абу Саада. „Тоа само Бог може да ни го даде“.

Повеќе екстремисти меѓу Израелците

Либералните жители на Израел се загрижени поради застојот во мировниот процес. На почетокот на декември министерот за надворешни работи на САД, Џон Кери испровоцира бран реакции со тврдењето дека Израел, поради трајната блокада на Западниот Брег, ќе стане „бинационална држава“.

Тал Шнајдер, политичка аналитичарка од Тел Авив, 2015 година ќе ја памети по две убиства. На почетокот на јули еден радикален ултраортодоксен Евреин ја уби 16-годишната Шира Банки, учесничка на демонстрациите за правата на хомосексуалците во Ерусалим. Потоа маскирани напаѓачи, најверојатно еврејски екстремисти, запалија куќа во селото Дума и притоа убија тројца Палестинци. „Забележливи се сѐ повеќе политички илегални активности во самиот Израел“, вели Шнајдер. „На двете страни се појавуваат екстремисти кои нѐ контролираат.“

Премиерот Нетанјаху вети дека Израел нема да стане „бинационална држава“. Портпаролот на владата Регев ги обвинува Палестинците дека се одговорни за прекинот на мировните преговори. Палестинците тврдат дека нема да преговараат сѐ додека Израел продолжува со изградбата на еврејски населби.

Gaza Zerstörtes Gebäude
Фотографија: Reuters/M. Salem

Далеку од окото, далеку од срцето

Израелците и Палестинците се согласни во едно нешто, дека меѓународниот ангажман едвај и да има некакво влијание на случувањата во „Светата земја“. И додека војната во Сирија влегува во петтата година, Европа е згрижена повеќе од милион бегалци и смета дека е загрозена од таканаречената Исламска држава, израелско-палестинскиот конфликт веќе не е во центарот на вниманието на политиката на Европската унија ама и на САД.

ЕУ во ноември наложи дека производите од еврејските населби на палестинските автономни области мора правилно да се етикетираат и оти не можат да ја носат ознаката „Мејд ин Израел“. Претставниците на еврејските доселеници оваа одлука ја критикуваат како популистичка и тврдат дека последици од неа за израелската економија на Западниот брег се мали.

Диана Буту од Рамала упатува на тоа дека во САД се ближат претседателските избори и оти тоа ќе биде повод тамошните политичари да даваат „патетични“ изјави за израелско-палестинскиот конфликт: Што се однесува со палестинското востание, интифадата, тоа веројатно ќе продолжи со ваков придушен интензитет. И притоа главно ќе гинат Палестинци.“