1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерство за здравство реагира на критиките

БГ13 ноември 2015

Министерството за здравство испрати реакција на текстот на ДВ за состојбите во здравството. Ви пренесуваме делови од реакцијата на Министерството и нашиот одговор

https://p.dw.com/p/1H56X
Фотографија: Colourbox

Министерството за здравство реагира на вчера објавениот текст со наслов “Нема Мој термин само за одговорноста на Тодоров“ http://www.dw.com/p/1H4LR на интернет-страницата на ДВ на македонски јазик. Во реакцијата, покрај другото, се вели:

„Наводите во текстот во најголем дел се базираат на субјективни извори, односно извори кои од лични, субјективни причини ги критикуваат проектите кои Министерството за здравство во континуитет ги реализира и овозможува конкретен бенефит за јавните здравствени установи, а пред сè за пациентите како корисници на здравствените услуги. Оттука, некоректно и непрофесионално е што авторот на текстот воопшто не побара одговор за конкретните теми и од Министерството за здравство, наместо да пласира невистинити и тенденциозни наводи, а од друга страна прикажува некакви наводни истражувања кои се темелат на извори, затскриени зад превезот на анонимноста. За истите тие анонимни извори, службите на Министерството за здравство стојат на располагање за било каква информација, консултација или појаснување.

Анонимните критики за системот МојТермин наведени во текстот се апсолутно неиздржани. Овој систем е високо оценет на рангирањето на европскиот здравствен потрошувачки индекс, кој се смета за најрелевантен показател за функционирањето на здравствените системи во Европа. Системот е оценет како една од клучните реформи во Република Македонија која нашата држава ја искачи високо на европската скала. Истражувањето за задоволството на пациентите од системот МојТермин покажува дека значително расте задоволството на пациентите во овој сегмент. Имено, на прашањето ‘Дали сте задоволни од функционирањето на системот МојТермин’ вкупно 80.1% од испитаниците одговориле дека се задоволни. Тука се бележи зголемување од вкупно 12.5 процентни поени во споредба со одговорите на истото прашање на претходната анкета (каде вкупно 67.6% од испитаниците одговориле дека се задоволни од системот). Во секоја возрасна група над 69% од испитаните пациенти се задоволни од МојТермин, а најголемо е задоволството кај возрасната група од 16 - 25 години (84% задоволни) и над 65 години (83.7%). Дополнително, на најголем дел од испитаните пациенти (93.8%) не им се случило да дојдат на закажан преглед, а притоа докторот да не е присутен во амбуланта и пациентите да не се претходно известени за тоа“. (...)

Другите наводи во текстот на реакцијата на министерството немаат директна врска со темата на прилогот објавен од ДВ.


+++


Почитувани од Министерството за здравство,

Презентираните податоците се резултат на истражувачки проект (наведени се и авторот и медиумот), а при чија реализација токму вие не сте одговориле на ниту едно од поставените прашања. Зошто - треба да му одговорите на авторот. Мојата пренесена оценка за неуспешноста на „Мој термин“ ја оценувате како „непрофесионална“, затоа што доаѓа од анонимен извор. За жал, анонимноста е резултат на реваншистички практики кои ги почувствуваа многу лекари кои се дрзнаа да штрајкуваат или јавно да проговорат за лошите реформи. Јас не барам да му верувате на мојот извор. Доволно ќе беше вчера да ги креневте ролетните, за да видите што ви се случува под прозорците. Не анонимно, туку јавно, лекари со име и презиме, побараа да се преиспита и „Мој термин“ и други „реформи“. Главната парола беше „Мој термин: Off“. Телевизиите пренесоа и изјави на пациенти дека имаат проблем да добијат термин, па мора да бараат „приоритетни упати“. Ако и лекарите и пациентите не се задоволни од „Мој термин“, тогаш кои се „испитаниците“ што во толку висок процент (80,1) изразиле задоволство од проектот, а под претпоставка дека не биле под анестезија додека „одговарале“? Се надевам дека одговорот на ова прашање ќе стигне со иста брзина како и реакцијата на мојот текст, од елементарна почит кон осигурениците од чии придонеси се финансира здравствениот систем и вашите плати.

Со почит,

Катерина Блажевска