1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

250210 Mikrokredite Frauen Nepal

2 март 2010

Идејата за сопствен бизнис е тука, но како да се дојде до почетен капитал? Во главниот град на Непал, Катманду, работи организацијата „Мануши“, со цел е да доделува кредити исклучиво на жени. Како оди бизнисот?

https://p.dw.com/p/MAF2
Голем број од жените во Непал се сиромашни и необразованиФотографија: AP

Мајенти, Сабила и Сарала се три жени, кои живеат во различни делови на главниот град на Непал, Катманду. Нив ги поврзува една работа, сите се членки на „Мануши“. „Зборот ’Мануши’ е преземен од санскритот и значи ’силна жена’“, објаснува Амлика Прадан, заменик-претседател на организацијата. „Нашата организација е формирана во 1991 година, со цел да им помага на жените и да ги обучува кога се во прашање образованието и финансиите. Особено се концентрираме на жени, во кои немаат доверба ниту пријателите, ниту банките.“

Висината ка кредитите што ги доделува „Мануши“ изнесува меѓу 10 и 35 илјади непалски рупии, односно меѓу сто и 350 евра. Жените како Мајенти, Сабила и Сарала земаат микро-кредити од „Мануши“. Во седиштето на организацијата, со чај и колачиња, жените почнуваат да ги раскажуваат своите приказни. Мајенти почнува прва.

Продажба на чај....

Frau auf dem Reisfeld Nepal
Микрокредитите им отвораат на жените можност за заработкаФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

„Јас и мојот сопруг продаваме чај. Рано наутро, откако ќе направам појадок и ќе ги испратам дацата на училиште, го пакувам чајот. Редовно продаваме по неколку вреќи на големо, го делиме чајот на помали порции и ги снабдуваме продавниците за прехранбени производи и оние специјализирани за чај. Испораката ја презема мажот ми. Не беше лесно на почеток, немаше кој да ни даде кредит. Затоа продававме само мали количини чај, а приходите од препродажбата беа скромни. Тогаш, во 1997 година, првпат зедов кредит и оттогаш тргна на поарно.“

Колку средства досега добиле во форма на кредит и како оди исплаќањето на ратите? „Првиот кредит изнесуваше околу триесет илјади рупии, значи околу триста евра. Сега зедов друг кредит од 35 илјади рупии. Исплаќањето не ни паѓа тешко, на крајот на краиштата, приходите ни се зголемија. Иако се случува по некој муштерија да не си ги подмири долговите кон нас, никогаш не сме имале проблем со враќањето на кредитот.“

Цвеќарница....

Frauenhandel in Indien
Поради сиромаштијата, повеќе од 200 илјади жени од Непал завршуваат како бело робје во ИндијаФотографија: AP

Сабила Дангол, пак, зела помала сума кредит, со цел да отвори сопствена продавница за цвеќе. Овој бизнис е доста нов во Непал, што значи дека идејата на Сабила е целосно во чекор со трендот. „Започнав со десет илјади рупии, за да ја отворам продавницата. Во меѓувреме имам и неколку вработени. Продолжив да инвестирам, во моментов отплаќам кредит од 25 илјади рупии. Работиме заедно со сопругот, тој е задолжен за остварување на бизнис-контактите, за да можеме да продолжиме да се прошируваме.“

На наредната страница ќе прочитата зошто микрокредитите им се доделуваат само на жени

Рамноправна положба на мажот и жената

Микрокредитите од „Мануши“ им се доделуваат исклучиво на жени. Зошто е тоа така, објаснува заменик-претседателот на организацијата, Амлика Прадан. „Во принцип нема разлики меѓу мажите и жените, меѓутоа половината од населението се жени. А повеќето жени се сиромашни и без образование и затоа не можат да заработат. Од овие причини треба во прва линија жените да бидат вклучувани во вакви програми, што им отвораат некаква можност за заработка. Освен тоа, заклучивме дека колку и да се сиромашни, жените се искрени. Затоа нашата програма е насочена кон жените. Меѓутоа, ние не ги мотивираме да им се спротивставуваат на мажите. Целта на кредитот е да придонесе двајцата да имаат рамноправна позиција и да можат заедно да работат.“

Фарма за кокошки...

Nepal Hausfrau Haushalt Küche Himalaya
Доволно за јадење и кирија - тоа е богатство во НепалФотографија: picture-alliance / Godong

Сарала Сахи ја цени тимската работа, меѓутоа како приземна и разумна жена, самата одлучила како сака да се развива професионално. „Јас имам фарма за кокошки. Се` што имав, вложив во неа, а подоцна зедов и кредит од ’Мануши’. На почеток работев сама и беше навистина тешко. Никогаш не излегував на крај со парите. Сега работиме заедно со сопругот и тоа ни донесе само предности. Сега заработуваме повеќе од кога и да е.“

Просечно тие заработуваат по петнаесет евра дневно. Тоа е многу, во споредба со просечните примања на повеќето жители во Непал. Меѓутоа, за Сарала оваа сума значи многу повеќе од само статистичка вредност. „За мене богатство значи да можам да им овозможам на децата да се образуваат, да имаме за јадење и за кирија. Добро ни е.“

Автор: Адикари Нимеш и Беутнер Беатрикс/Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска