Метју остава пустош зад себе, делови од САД - евакуирани
6 октомври 2016Властите во САД ги евакуираат крајбрежните региони поради наближувањето на ураганот Метју кој веќе однесе најмалку 16 човечки животи на Хаити и предизвика огромна материјална штета на Карипските острови.
Метју е најсилната бура која ги погодува Карибите во последната деценија. Се очекува на американското крајбрежје да пристигне со јачина од четврта категорија.
Американскиот претседател Барак Обама ги предупреди граѓаните кои живеат во подрачјата кои се очекува да бидат погодени од ураганот, сериозно да ја сфатат опасноста. Повеќе од еден милион луѓе добија предупредување да се евакуираат од критичните области.
„Се надеваме на најдоброто, но се подготвуваме за најлошото“, рече Обама.
Откако ги мина Карипските острови, силината на ураганот падна на трета категорија од вкупно пет, според Националниот центар за урагани на САД.
Во крајбрежните американски региони, во сојузните држави Флорида, Џорџија и Јужна Каролина, граѓаните со денови се подготвуваат за бурата и складираат вода и храна.
Оние кои одлучија да се евакуираат формираа колони долги стотици километри на патиштата. Повеќе бензиски станици останаа без гориво, што создаде блага паника меѓу граѓаните.